Општинскиот кризен штаб на Крива Паланка ѝ препорачува на Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на општината поради долгогодишниот проблем со неконтролираното движење на над 1.000 грла крупен добиток, кои предизвикуваат штети на земјоделските насади и приватниот и општинскиот имот.

Препораката била утврдена на првиот состанок на Општинскиот кризен штаб, одржан на 2 ноември, на кој биле разгледани состојбите на терен и договорени конкретни мерки за справување со проблемот.

Од Штабот оценуваат дека досегашните капацитети на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Агенцијата за управување со одземен имот не се доволни за решавање на проблемот, поради што од Владата се бара обезбедување дополнителен кадар, опрема, финансиски средства и координиран оперативен план со утврдени рокови и одговорности.

Паралелно со барањето за прогласување кризна состојба, од АХВ е побарано во рок од седум дена да достави оперативен план за спроведување на правосилните и извршни решенија донесени во 2024 година, со кои е наложено одземање на животните од регистрираните одгледувалишта.

Планот треба да содржи распоред на теренски акции по денови и локации, назначени одговорни лица, доволен број стручни екипи и специјализирани возила, како и обезбедени услови за заловување, транспорт и сместување на добитокот. Спроведувањето на активностите треба да биде координирано со надлежните институции, со полициска асистенција и соработка со локалното население.

Од Општинскиот кризен штаб нагласуваат дека рокот од седум дена за доставување на планот не значи одложување на постапувањето и дека извршувањето на постојните решенија не е условено со прогласување кризна состојба од страна на Владата.

Во случај АХВ да не достави оперативен план и да не преземе конкретни активности во предвидениот рок, Општина Крива Паланка и група оштетени граѓани од месните заедници најавуваат поднесување кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство. Со пријавата ќе се бара испитување на евентуална кривична одговорност на одговорните службени лица во АХВ поради непостапување и несовесно работење во службата.

Дополнително, Општината ќе поднесе пријава до Државниот управен инспекторат, со барање за вонреден инспекциски надзор и утврдување на причините поради кои не се спроведени правосилните решенија од 2024 година за одземање на животните.

Во меѓувреме, од оваа недела Општина Крива Паланка воведува единствен регистар за евидентирање на штетите предизвикани од неконтролираното движење на добитокот. Регистарот ќе послужи за документирање на материјалните загуби и подготовка за заедничка тужба на оштетените граѓани за надомест на штета пред надлежниот суд, доколку бидат исполнети законските услови.

Граѓаните кои претрпеле штети ќе треба да пополнат формулар за пријавување и да достават докази за настанатата штета, како и да ангажираат независно вешто лице кое ќе изготви наод и мислење за нејзината висина. Од Општината информираат дека трошоците за судските постапки организирани во рамките на оваа иницијатива ќе ги покрие локалната самоуправа.

Општинскиот кризен штаб бара итно постапување по постојните решенија од 2024 година, како и разгледување на препораката за прогласување 30-дневна кризна состојба и обезбедување дополнителна институционална поддршка за справување со проблемот.

 

 

ИЗДВОЕНИ