Финалето на Светското првенство меѓу Шпанија и Аргентина ќе остане запаметено не само по новата светска титула на „црвената фурија“ туку и по спектаклот на полувремето, кој предизвика бурни реакции насекаде во светот. Организаторите приредија шоу во американски стил, со настапи на Мадона, Џастин Бибер, Шакира и на бројни други светски ѕвезди, додека легендарните Роналдо и Роналдињо беа дел од спектаклот на преполниот стадион „Мет лајф“.

Иако беше најавено дека паузата ќе трае околу 17 минути, полувремето се одолжи на дури 27 минути и 24 секунди, што предизвика лавина реакции. Многумина сметаа дека повеќе гледаат Супербоул отколку финале на Светско првенство.
Меѓу најгласните критичари беше легендарниот англиски напаѓач, Вејн Руни, кој не го криеше разочарувањето во студиото на Би-би-си.
- Ќе бидам искрен, мојот омилен дел беше кога заврши – изјави Руни низ смеа, со што предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.
"What did you think of the World Cup final half-time show?"
Wayne Rooney: pic.twitter.com/1j6OQap9Yi
— BBC Sport (@BBCSport) July 19, 2026
Контроверзија предизвика и фактот што полувремето траеше значително подолго од максималните 15 минути предвидени со правилата на ИФАБ. Поради тоа, многумина го обвинија раководството на ФИФА дека направило преседан за да му даде простор на спектаклот.

На социјалните мрежи, бројни навивачи и аналитичари оценија дека ваквиот формат не му прилега на фудбалот, додека други сметаа дека шоуто е одличен потег, кој дополнително ја зголеми глобалната популарност на најважниот натпревар во светот. Сепак, едно е сигурно: за шоуто на полувремето беше речиси исто толку коментирано колку и за самиот финален натпревар.











