
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека САД даваат најголема помош на Украина, иако конфликтот, како што изјави, не е американска војна, додавајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе го земе предвид ова прашање во наредниот период.
Рубио, исто така, истакна дека од САД „постојано се бара помош“ во војна што се води „на друг континент“. „Украина не е американска војна, а сепак ние придонесовме повеќе во таа борба од која било друга земја во светот“, рече Рубио.
Тој додаде, според објавата на американскиот Стејт департмент на социјалната мрежа „Икс“, дека ова ќе биде прашање што ќе се анализира во иднина и што Трамп ќе го земе предвид при донесувањето одлуки.
Државниот секретар на САД, исто така, изјави дека кога на САД им била потребна поддршка, не секогаш добивале позитивен одговор.











