Кога ќе се спојат сите делови – каменот од прилепскиот мермер, луѓето што со години ја раскажуваат приказната, занаетчиите што сакаат да го брусат, институциите што го штитат името и законите што треба да го уредат начинот на собирање и експлоатација – тогаш рубинот веќе не е само мало малиновоцрвено камче скриено во бел мермер. Станува суровина за накит, повод за нов занает, нов производ и уште една приказна која од нашето поднебје може да стигне многу подалеку. „Наша обврска е таа природна вредност да ја претвориме во препознатлив и заштитен македонски производ зад кој ќе стојат јасни правила, проверен квалитет и доверба. Сакаме македонскиот рубин да биде препознатлив и ценет првенствено во Македонија, а потоа и во регионот и, секако, на меѓународниот пазар. Сакаме името да биде поврзано со земјата од која потекнува, специфичните својства да бидат препознаени и заштитени. Сакаме секој производ што ќе го носи ова име да ја пренесува приказната за македонската природа, геологија, традиција и уметност – истакна министерската за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на презентација на активностите што се прават за заштита, сертификација и промоција на македонскиот рубин пред македонската јавност

Освен што сме познати по ајвар, тавче-гравче, по виното, гостопримливоста и по прекрасната природа и историја, отсега културната матрица на Македонија се заокружува со уште еден маркер на картата на нашата светска промоција – македонскиот рубин, кој станува дел од нашето природно наследство и обврска е на државата да го заштити и да го претвори во препознатлив бренд.

За министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, приказната за македонскиот рубин не е само приказна за еден убав камен со малиновоцрвена боја. Станува збор за природно богатство кое било тука со години, но дури сега добива институционална рамка, правила и можност да стане производ по кој Македонија ќе биде препознатлива.

– Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство, има свое потекло, свои специфични својства и своја приказна. Наша обврска е таа природна вредност да ја претвориме во препознатлив и заштитен македонски производ зад кој ќе стојат јасни правила, проверен квалитет и доверба. Сакаме македонскиот рубин да биде препознатлив и ценет првенствено во Македонија, а потоа и во регионот и, секако, на меѓународниот пазар. Сакаме името да биде поврзано со земјата од која потекнува, специфичните својства да бидат препознаени и заштитени. Сакаме секој производ што ќе го носи ова име да ја пренесува приказната за македонската природа, геологија, традиција и уметност – истакна Божиновска на презентација на активностите што се прават за заштита, сертификација и промоција на македонскиот рубин пред македонската јавност.

А за да не остане сето тоа само на убави зборови, веќе се поставуваат и конкретни правила. Македонскиот рубин ќе добива сертификат за потекло, квалитет и посебни својства, а секој производ ќе може да биде проследен и преку QR код. Со едно скенирање купувачот ќе може да ги добие информациите содржани во сертификатот.

Името „македонски рубин“ нема да може да го користи секој што ќе посака. Ќе мора да има потврдено потекло, документација, стручна контрола и исполнети критериуми. Или, како што вели министерката, мора да се знае што точно стои зад името.

– Мора да биде прецизно утврдено што може да се означи и да се продава како македонски рубин. Мора јасно да се знае од каде потекнува материјалот, мора да постојат јасни правила за тоа кој може да го вади, да го обработува, да го пласира и конечно, да го користи заштитениот назив. Мора да биде утврден начинот на кој се контролираат квалитетот и посебните својства, мора да постои евиденција за материјалот и мониторинг за неговото движење – од местото на потекло, преку обработката, па сè до негово означување, продажба и промоција – нагласи Божиновска.

Деко, човекот што ја носи приказната со години

Зад оваа идеја, сепак, стои приказна која е многу постара од институционалните процедури. Приказната за малиновоцрвениот камен со години се раскажува меѓу занаетчиите, љубителите на минерали и оние што знаат дека и во нашата земја има нешто што во светот одамна се цени. Еден од луѓето кои најдолго ја раскажуваат таа приказна е Дејан Шкартов – Деко. Во неговото мало дуќанче на „Рекорд“ во Скопје, по површина можеби не големо, но по приказната што ја носи – и тоа како, со години се зборува за минералите, кристалите и за македонскиот рубин.

Деко е член на Комисијата за македонскиот рубин и претставник на занаетчиите, љубителите и корисниците. Тој е и човекот што со години ја турка оваа приказна и се обидува да им објасни на луѓето дека скапоцените камења не се нешто што мора да биде донесено од некоја далечна земја.

– Би посочил две работи. Прво, нашата генерација, цел живот, во нашето детство, скапоцените камења ги перципираше како некои скапи предмети и недостижни за нас, дека се оддалеку, од некои егзотични земји: Индија, махараџи, „Илјада и една ноќ“. Тоа била тема на нашите визии од приказните. Јас во странство ја открив таа скриена естетика на природата од која сме воодушевени. Но, светот на минералите е фасцинантен со појавни форми и нивни комбинации што ги импресионира колекционери во светот кои даваат отворени бланко чекови за некој одреден минерал – раскажа Деко.

Тој се наврати и на времето кога одлучил да отвори дуќанче за кристали и да покаже што има минералниот свет. Наместо само да се носат камења од странство, луѓето почнале да прашуваат нешто многу поедноставно – има ли нешто наше?

– Кога во 2001 – 2002 година се одлучивме да отвориме дуќанче за кристали, да ги покажеме кристалите од целиот свет тука, луѓето доаѓаа и прашуваа дали има нешто што е од Македонија. Тогаш почнаа муабети дека Македонија имала рубини, но никој не веруваше. Ова сега е културна матрица во која Македонија, освен што сме добри во ајвар, во тавче-гравче, во бурек, во гостопримливоста, по прекрасна природа, историја и култура, сето тоа се заокружува со уште еден маркер на македонската светска промоција – „види ги Македонците, не само што прават ајвар брусат и скапоцени камења“ – вели Деко.

И тука, според него, е суштината. Не е само да се извади рубинот од земја, туку тој да остане дел од една приказна која ќе се развива тука. Од суров камен да стане обработен производ, а од производ – нешто по кое ќе се препознава земјата.

– Брусењето на скапоцени камења секогаш било ознака на престиж. Не бруси камења оној што не ги решил основните егзистенцијални прашања. Ова сега е многу добар имиџ за државата и она што во стручниот сектор секаде во светот е многу ретко, а тоа е – еден скапоцен камен да се бруси и да се претвора во финален производ на територијата на државата каде што се наоѓа – објаснува тој.

За Деко, големата работа е што во приказната може да се спојат природата, занаетчиството и економијата. Да не се извезува само суровина, туку да се создава нешто со поголема вредност.

– Големо браво на таа стратегија на поддршка на занаетчиството, бидејќи тоа значи да се снаоѓаш, да решаваш проблеми со рацете, тоа делува на нашата интелигенција. И на крај ова е одличен пример на соработка на врвот на државата на една земја со базата. Една идеја да биде прифатена и да се реализира. Ова е огромен историски исчекор напред во една сосема нова димензија во која што не сме имале никакво искуство како земја – вели Деко.

Но, тука има и една многу практична мака. Суровината. Без неа нема производство, нема занает, нема млади што ќе се обучуваат, нема бизнис-план.

– Сè уште немаме утврдено цена по грам, затоа што нашиот рубин нема бизнис, нема пазар. Практично тргнавме колку готовиот производ да чини, да не е прескапо, да не е џабе. Со години баравме од државата да ни ја обезбеди нашата суровина за да постоиме. За да се развивате економски, потребен е бизнис-план, треба да вработувате, треба да обучувате млади кадри, а тоа не можете да го планирате ако немате основна суровина – објаснува тој и според него, еден грам рубин би можел да чини едно стотче.

Контролата на квалитетот ќе ја врши стручната комисија

Во меѓувреме, институциите го поставуваат другиот дел од мозаикот – заштитата на името. Елена Пеева, заменик-директор на Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС), вели дека во соработка со Министерството за енергетика и Геолошкиот завод е донесено решение со кое се заштитува географскиот назив „македонски рубин“. Каменот што потекнува од прилепското подрачје, во рамките на пелагонискиот масив, со тоа добива статус на географска ознака.

– Овој полускапоцен камен кој потекнува од прилепското подрачје во рамките на Пелагонискиот Масив, добива статус на географска ознака, со што се признава неговата уникатност и врската со нашето национално природно богатство. Контролата на квалитетот ќе ја врши стручната комисија од Геолошкиот завод овластена за издавање на уверенија за исполнување на законските услови – истакна Пеева.

Но, регистрацијата, сама по себе, не е доволна. Треба да има и луѓе и компании кои ќе сакаат законски да го користат називот и ќе ги исполнат пропишаните услови.

– Регистрацијата на македонскиот рубин ќе има вистинска вредност само доколку постојат корисници кои ќе поднесат пријава пред ДЗИС за добивање на право на користење на географската ознака, ќе ги исполнат условите утврдени со законот и со правилниците и ќе се регистрираат како овластени корисници за да можат законски да го користат називот „македонски рубин“ – посочува Пеева.

Последниот дел од приказната е законската рамка за тоа како рубинот ќе се собира и експлоатира. Филип Петровски, советник за рударство во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, објаснува дека досега овој дел практично бил оставен без посебно законско решение.

– Со досегашното законско решение на Законот за минерални суровини, овој дел воопшто не е решен и не го третира како собирање и експлоатација на рубинот. Во новото законско решение што е во изработка земаме некои светски искуства. Минатата недела, овде беа независни експерти од Европа кои дадоа свое мислење за законот и дадоа одредени препораки – рече Петровски.

Според него, новиот Закон за рударство кој се подготвува, треба да го регулира и овој дел, а со тоа да се отвори можност и за постојните концесионери, но и за други заинтересирани правни и физички лица да собираат, односно да експлоатираат рубин, под услови што ќе бидат утврдени со закон.

Годишно се експлоатираат меѓу 100 и 200 килограми

А материјал има. Од Геолошкиот завод, а повикувајќи се на информациите што ги добиваат од концесионерите на мермер, во земјава се експлоатираат меѓу 100 и 200 килограми рубин на годишно ниво што се појавува како мали камчиња во мермерот.

– Досега ова не било регулирано. Законот за рударство во кој се регулира овој дел ќе биде готов до крајот на октомври. Кон средината на октомври планираме да одржиме јавна дебата со концесионерите, така што до крајот на годината ќе биде комплетирано законското решение и во делот на експлоатацијата на корундот, т.е. македонскиот рубин – додава Петровски.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ