петок, септември 18, 2026
Дома МАГАЗИН Австралија ќе ги притвора туристите кои остануваат во земјата по истекот на...

Австралија ќе ги притвора туристите кои остануваат во земјата по истекот на визите

23

Австралија ќе ги притвора туристите кои остануваат во земјата откако ќе им истечат визите, како дел од новите владини мерки насочени кон намалување на бројот на лица кои го пречекориле дозволениот престој и на целокупното ниво на миграција, објави во петокот помошникот-министер Мет Тислтвајт.

Тислтвајт изјави дека туристите кои остануваат во земјата по истекот на визата ќе бидат сместени во центри за имиграциски притвор, истакнувајќи дека бројот на луѓе кои моментално престојуваат во Австралија без важечка виза се искачил на приближно 77.000, пренесува АФП.

Владата очекува дека можноста за притвор ќе ги поттикне поединците со истечени визи доброволно да ја напуштат земјата.

„Кога ќе се прошири веста дека некој ја пречекорил туристичката виза, бил притворен и поминал неколку недели во имиграциски притвор пред да се врати дома, веруваме дека тоа ќе обезбеди луѓето да ги почитуваат условите од своите визи“, изјави Тислтвајт за австралискиот канал „Њуз 24“.

Австралискиот министер за внатрешни работи и имиграција, Тони Бурк, претходно најави обезбедување на 250 дополнителни места во центрите за притвор и ангажирање на уште 100 службеници задолжени за спроведување на имиграциските правила.

Владата исто така размислува да пренамени поранешен објект за карантин во Мелбурн за сместување на лица кои чекаат депортација.

Овие мерки се дел од поширока реформа на австралиската миграциска политика. Владата најави и ограничувања за странските студенти и за носителите на визи за работа и одмор, како и построги правила насочени кон спречување на менувањето на видовите привремени визи со цел продолжување на престојот во земјата.

Австралискиот совет за туристичка индустрија предупреди дека најавите за притворање на туристи би можеле да ѝ наштетат на репутацијата на Австралија како гостопримлива туристичка дестинација.

ИЗДВОЕНИ