Со една минута молк, денеска, во Галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“ при Музејот на Град Скопје, а во присуство на значајни претставници на ликовната, академската и на културната сцена на Македонија, почна комеморацијата за доајенот на македонското сликарство, еден од најважните автори во современата македонска уметност и професор од првата генерација професори на Факултетот за ликовни уметности, Родољуб Анастасов, кој почина на 91-годишна возраст, на 4 април, во Скопје.

– Беспрекорно минуциозен, посветен до перфекционизам во своето сликарство, секогаш спремен за длабоки филозофски вдахновени разговори. Најмаркантна и најавтентична појава на нашата ликовна сцена… рече на комеморацијата Анита Бошкова-Дуковска од Музејот на град Скопје, одговорен кустос во галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“, каде што секоја година се отвораше поставка од колекцијата дела (околу 400) која Анастасов во 2011 година ѝ ja подари на овој музеј.

Како што истакна таа, главна преокупација на Анастасов беа феномените на просторот и времето, и тој со филозофска продлабоченост ја пренесуваше драматиката на преживување, динамиката на животот, неизвесноста, но секогаш оставајќи зрак надеж дека светот и човештвото можат и мораат да бидат подобри.

– Со неверојатна луцидност и носталгија зборуваше за времето поминато како професор на ФЛУ, за своите студенти, својата сопруга, своите пријатели, семејството и за уметноста како голема животна пасија, додаде таа.

Бошкова-Дуковска, која долги години е посветена на зачувување и на промоција на огромниот сликарски опус на Родољуб Анастасов, што претставува културно наследство на Македонија, истакна дека Музејот на град Скопје ќе продолжи да го чува и да го негува споменот за големиот уметник и во децениите што следуваат, а неговата галерија, на која беше посебно горд, ќе остане жив храм и чувар на неговото творештво за генерациите што доаѓаат.

За Анастасов како ликовен педагог, на комеморацијата зборуваше деканката на ФЛУ, Слободанка Стевческа, која посочи дека како автор, како високо почитувана личност меѓу своите современици, преку неговата дејност на Факултетот за ликовни уметности остави силен белег и неизбришлива трага, вградувајќи ја својата моќна и силна авторска фигура во фундаментите на градењето на македонската современа ликовна уметност.

– Изучувајќи ја уметноста од големите мајстори на модернизмот — Личеноски, Пандилов, Мартиноски — редок и автентичен меѓу првата генерација професори на ФЛУ од неговото основање во 1980 па сè до 2005 година, тој и неговата генерација реномирани професорски имиња ги антиципираат високите стремежи на современото сликарство во тогашниот поширок југословенски простор, настојувајќи на рамноправно вреднување и на афирмација на ликовните вредности на нашата сцена. Во годините кога на југословенската уметничка сцена се формира силна и критичка мисла за афирмација на апстракцијата, спроти идеолошките лавиринти и догматските идеи и настојувања за фигуративното и описно сликарство, Анастасов смело застанува на страната на прогресивното промислување на уметноста. Не само вербално, туку искажувајќи директен ликовен став и авторско стојалиште, зад кое стои неколеблива интелектуална фигура, истакна Стевческа додавајќи дека покрај бројните студенти, Анастасов оформи и неколку значајни педагози кои ја продолжуваат силната заложба за афирмација на високите ликовни вредности како што се професорите Јован Шумковски, Благоја Маневски, Жанета Вангели.

За Директорот на Музејот на град Скопје, Панче Велков, Родољуб бил многу непосреден и пријатен човек.

– И покрај фактот што беше навистина во години, секогаш беше апсолутно присутен не само физички туку и со духот и секогаш отворен, непосреден, искрен, многу пријателски расположен и секогаш со насмевка. И како таков ќе го паметам, а се надевам, секако, и сите ние, рече тој. На комеморацијата зборуваше и Катерина Таневска од Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ), која посочи дека делата што Анастасов ги остави зад себе ќе продолжат да сведочат за еден автор кој не создавал за моментот, туку за вечноста.

Фото: П. Стојановски

ИЗДВОЕНИ