четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Родителите на загинатите деца револтирани: „Комеморација со две страници текст“

Родителите на загинатите деца револтирани: „Комеморација со две страници текст“

649

Надвор од собраниската сала, по комеморацијата за загинатите во кочанската трагедија дел од родителите не го криеја разочарувањето од начинот на кој беше одбележана годишнината.

Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова, рече дека семејствата очекувале многу повеќе од државата по една година од трагедијата.

„Дојдовме со надеж дека ќе им се оддаде вистинска почит на нашите деца, но сè падна во вода. Комеморација за 63 деца со две страници прочитан текст и толку – тоа беше. За нас, родителите, ова е уште една голема рана“, изјави Наунова, додавајќи дека по една година чекале подостоен чин. Нејзиниот сопруг Александар Наунов рече дека родителите очекувале барем секое дете да биде спомнато со име и презиме. Според него, институциите биле информирани за тоа барање, но тоа не се случило. Наместо тоа, како што рече, поголем дел од обраќањето бил посветен на објаснувања за институциите.

„Една година чекавме државата да организира комеморација. Тоа требаше да се случи многу порано. Сега е задоцнето, но сепак важно, затоа што покажува дека трагедијата не е само семејна болка, туку и институционална одговорност. Ние родителите ќе продолжиме да ја бараме вистинската правда“, порача Наунов и додаде дека комеморацијата се случила под силен притисок од семејствата на жртвите. „Да не притискавме ние, веројатно немаше ни да се одржи“, рече тој.

Со силни зборови реагираше и Драги Стојанов, татко на загинатиот Томче Стојанов, кој оцени дека е срамота комеморацијата да се организира дури по една година. Родителот, кој во несреќата го загуби синот единец, рече дека се чувствуваат како институциите да ги гледаат како противници, наместо како луѓе кои ја бараат правдата за своите деца. „Како да сме ние виновни што децата биле во дискотеката. Наместо почит, добиваме напади и оправдувања“, рече тој. Според него, трагедијата не е несреќна судбина, туку последица на институционална негрижа. „Ако институциите си ја вршеа работата како што треба, нашите деца денес ќе беа живи – ќе шетаа, ќе пиеја кафе. Ова не е судбина, ова е убиство од небрежност“, рече Стојанов.

Комеморативната седница во Собранието беше првиот од настаните со кои ќе се одбележи годишнината од пожарот во дискотеката „Пулс“. Во сабота, на 14 март, во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ ќе се одржат верски обреди во спомен на загинатите.

ИЗДВОЕНИ