Европскиот парламент усвои нова реформа со која се воведуваат поголема транспарентност при купување авионски билети, поедноставени процедури за добивање обесштетување и нови правила за семејствата што патуваат со деца.
Една од најважните промени е укинувањето на дополнителните трошоци за избор на седишта за родители кои сакаат да седат покрај своите деца. Според новите правила, авиокомпаниите нема да смеат да наплаќаат дополнително за семејствата да бидат сместени заедно во авионот. Покрај тоа, превозниците ќе мора уште при купувањето на билетите јасно да ги прикажат сите дополнителни трошоци, вклучително и оние за багаж, избор на седиште и други услуги.
Правото на финансиски надомест за патниците останува и понатаму. Доколку летот доцни три часа или повеќе по вина на авиокомпанијата, патниците ќе можат да побараат компензација во износ од 250 до 600 евра. Со реформата се воведува и обврска авиокомпаниите да ги информираат патниците за нивните права и начинот на поднесување барање за обесштетување. Компаниите ќе мора да одговорат на секое барање во рок од 30 дена.
Новите правила ќе се применуваат за сите авиокомпании регистрирани во Европската Унија, како и за странски превозници што летаат од аеродроми во ЕУ. По финалното одобрување од земјите членки, авиокомпаниите ќе имаат рок од една година за целосна примена на измените.












