Превозниците од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија упатија сериозно предупредување до Европската унија во врска со правилото 90/180 за престој во Шенген зоната, оценувајќи дека истото е премногу ригидно и дека директно ја отежнува работата на професионалните возачи на камиони.
Според постојните правила во Шенген зоната, возачите од трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена. Превозниците тврдат дека со оваа регулатива тие се третираат исто како туристи, иако секојдневно извршуваат работни задачи за компании во земјите од Европската унија.
Четирите земји од регионот побараа од Европската комисија решение најдоцна до 10 август. Во спротивно, предупредуваат дека проблемот ќе се продлабочи бидејќи сè поголем број возачи ќе го достигнат дозволениот лимит на престој и ќе ризикуваат забрана за влез во Шенген зоната.
Иако засега нема масовни забрани или депортации, претставниците на транспортниот сектор велат дека ситуацијата станува сè понеизвесна. Тие потсетуваат дека проблемот е веќе отворен подолго време и дека на почетокот на годината биле организирани и протести.
На последниот состанок, претставникот на македонските транспортери, Роберт Крстески, истакна дека заклучокот е дека ограничувањето од 90 дена е недоволно и дека се разгледува предлог возачите да имаат најмалку 130 дена престој во рамки на 180 дена. Тој нагласи дека возачите поседуваат лиценци и договори за работа и не претставуваат безбедносен ризик.
Од Црна Гора, претседателот на здружението на превозници, Ѓорѓе Лешњак изјави дека возачите треба да бидат законски препознаени како професионалци кои работат на европскиот пазар, а не како туристи. Според него, контролите покажуваат дека возачите се наоѓаат во своите камиони, на паркинзи и бензински пумпи, без индиции за злоупотреби.
Од Србија, претставникот Него Мандиќ предупреди дека 10 август ќе биде клучен датум по кој ќе се одлучуваат следните чекори доколку не се постигне договор со Европската комисија.
Превозниците најавуваат дека, доколку не се најде привремено или трајно решение, можни се нови протести и блокади на границите. Тие предупредуваат дека такво сценарио би имало сериозни последици врз снабдувањето со стока во целиот регион и во Европската унија, бидејќи транспортот е клучен за непречено функционирање на трговијата. Сепак, од здруженијата велат дека сè уште постои надеж за договор и избегнување на ескалација на состојбата.












