Од 1 јули па сè до 31 август, на државните патишта во земјава стапува во сила летниот времен режим на сообраќај, со кој се воведуваат ограничувања за движење на тешките товарни возила со вкупна маса над 15 тони. Според режимот, забраната ќе важи во петок од 17:00 до 22:00 часот; во сабота од 09:00 до 18:00 часот и во недела од 09:00 до 22:00 часот.

– Во деновите кога Министерството за здравство ќе прогласи екстремно високи температури, ограничувањето ќе важи и од понеделник до четврток, во периодот од 11:00 до 17:00 часот – велат од АМСМ.

Од ограничувањето се изземени возилата што превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материи, како и возила што вршат превоз за компании кои имаат договори со ЈП за Државни патишта за изведба на проекти на државната патна мрежа.

Дополнително, АМСМ информира дека на магистралниот пат А2, на делницата Скопје – Охрид – Скопје, до 1 септември ќе важи посебен режим на сообраќај. За тешките товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони ќе има забрана за движење за време на викендите и тоа во петок од 15:00 до 22:00 часот; во сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 до 00:00 часот и во недела од 07:00 до 22:00 часот.

Од АМСМ појаснуваат дека ваквиот режим се воведува секоја летна сезона со цел да се намалат сообраќајните метежи кон Охрид, да се овозможи побрз проток на возила на наплатните рампи и да се обезбеди побезбедно и понепречено движење на туристите.

– И за ова ограничување важат исклучоци за возилата што превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, како и леснорасиплива стока – велат од АМСМ.

 

 

ИЗДВОЕНИ