вторник, јуни 30, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Почна Летниот камп по историја „Наде Проева“ – „Вљубете се во историјата“

Почна Летниот камп по историја „Наде Проева“ – „Вљубете се во историјата“

31

Во Претор почна Летниот камп по историја „Наде Проева“ – „Вљубете се во историјата“, во организација на „Македоника – Центар за историски студии ’Наде Проева’“. Кампот е наменет за средношколци од трета година со цел да ја поттикне љубовта кон историјата, критичкото размислување и интересот за историското истражување.

Главните цели на кампот се поттикнување на интересот кај младите за изучување на историјата, развивање на критичкото размислување и аналитички пристап кон историските извори, продлабочување на знаењата од националната, балканската и светската историја, промовирање на историското и културното наследство на Македонија, развивање на дебатни, истражувачки и презентациски вештини, создавање мрежа на млади љубители на историјата од различни средини, афирмирање на историјата како современа и динамична научна дисциплина…

Првиот ден, како што информираат организаторите, бил посветен на запознавање на учесниците и споделување на нивните лични приказни за тоа како се родила љубовта кон историјата, а бил претставен и ликот и делото на проф. д-р Наде Проева – една од најзначајните македонски историчарки и научници, чиј научен опус и посветеност претставуваат инспирација за младите генерации историчари. Бил презентиран и документарниот филм „Instead of Hagiography“, посветен на проф. д-р Наде Проева, создаден од нејзината сестра, Павлина Проевска.

 Во текот на наредните денови, учесниците ги очекува богата и разновидна програма која опфаќа предавања од историчари, историски дебати, квизови, интерактивни работилници, едукативни игри, анализа на историски извори, презентации, дискусии, теренски активности и посети на значајни историски и археолошки локалитети во Преспанскиот Регион.

– Целта е младите да ја доживеат историјата на интерактивен начин, преку директен контакт со културното наследство и современи методи на учење – нагласуваат организаторите.

ИЗДВОЕНИ