Општина Илинден го заврши реновирањето и санацијата на домовите на култура во населените места Текија, Кадино и Мралино, во рамки на програмата за обновување и модернизација на јавните објекти.
Од локалната самоуправа објаснуваат дека во Домот на култура во Текија е извршена санација на покривот со поставување нов пластифициран лим, поставени се нови ПВЦ-врати и обновена е електричната инсталација. Извршено е и глетување и молерисување на внатрешните простории, а целосно се санирани санитарните јазли и фасадата е обновена.
Во Домот на култура во Кадино, пак, поставени се нови вертикални олуци и пластифициран лим за симс, санирана е фасадата и обновени се внатрешните простории. Поставени се нови ПВЦ-врати и прозорци, заштитна ограда и нови плочки на надворешните скали, а санирана е и електричната инсталација.
И во Домот на култура во Мралино целосно е обновен покривот, поставени се нов пластифициран лим, хоризонтални и вертикални олуци, како и нови ПВЦ-врати и прозорци. Санирана е фасадата, обновени се надворешните скали и терасата со нови плочки и заштитна ограда, додека во внатрешноста се поставени гипс-картон и ново осветлување, а ѕидните површини се глетувани и молерисани.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека со реновирањето на домовите на култура се обезбедуваат подобри услови за развој на културниот и општествениот живот.












