Општина Кисела Вода ја финализираше изградбата на новиот крак од фекалната канализација на улицата „Саса“, во населбата Пинтија.
Од Општината информираа дека со овој инфраструктурен проект се надминува повеќегодишниот проблем на жителите од овој дел на општината, кои конечно добиваат соодветно и стандардизирано одведување на отпадните води.
– Изведена e нова фекална канализација во должина од 320 метри, при што се поставени 15 нови ревизиони шахти. Новата мрежа е директно поврзана со постојната канализациска инфраструктура на улицата „Саса“. Се работи за проект финансиран од Општина Кисела Вода, додека дел од материјалите беа обезбедени во соработка со ЈП „Водовод и канализација“ – објаснуваат од локалната самоуправа.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, истакна дека реализацијата на овој проект е директен одговор на барањата на граѓаните од овој дел на Пинтија.
– Моето ветување до нив беше дека ова прашање ќе биде решено во најскоро време, и денес тоа ветување е реалност. Со изградбата на новата мрежа, го надминуваме овој комунален предизвик и обезбедуваме достоинствени услови за живот. Општина Кисела Вода продолжува со континуираните инвестиции во изградба и реконструкција на подземната инфраструктура во секое населено место – изјави Стаменкоска-Трајкоска.












