Македонија станува значајна дестинација на туристичката мапа, а признанието од Светска банка доаѓа како потврда дека земјава привлекува сè повеќе странски гости. Аеродромите бележат рекорди, а бројот на патници расте од година на година. Надлежните велат дека со новите авиолинии и со вложувањето во туризмот се отвораат нови можности за економски развој. Добрите бројки, како што посочуваат, се сигнал дека македонскиот туризам, конечно, фаќа залет

 

Македонија бележи туристички резултати какви што одамна не се паметат. Бројките покажуваат силен раст на странските гости, а, според анализата на Светска банка, земјава е прва во Европа и во Централна Азија по растот на пристигнувањето преку авиосообраќајот.

Според извештајот „Туризам воч“ на Светска банка, Македонија има раст од околу 40 проценти кај странските гости во однос на минатата година, што е резултат кој, според владините претставници, покажува дека мерките за развој на туризмот почнуваат да даваат плод. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, вели дека ова е големо признание за државата, но и дополнителен мотив за уште поголема работа.

– Ова е исклучителен успех за Македонија, особено ако се има предвид дека се случува во услови на голема светска неизвесност и кризи. Светска банка нè препознава како пример за најголем раст на патниците што пристигнуваат во Европа и во Централна Азија. Со раст од 40 проценти на годишно ниво, покажуваме дека со вистински мерки може да се привлечат повеќе туристи и да се движи економијата преку туризмот – објави Николоски преку фејсбук-статус.

Тој нагласи дека субвенционирањето нови авиолинии и вложувањето во авиосообраќајот придонеле Македонија да стане попривлечна дестинација за странските посетители. За добрите резултати зборуваат и случувањата на терен. Охридскиот аеродром неодамна постави нов рекорд: во една смена биле опслужени 3.036 патници и реализирани 20 лета, што е најфреквентната смена во историјата на аеродромот „Свети апостол Павле“.

Успехот е уште поголем бидејќи е постигнат во период кога се реконструира дел од терминалот на аеродромот, а просторот за работа е ограничен.

– Овој рекорд е резултат на посветеноста, професионалноста и тимската работа на нашите вработени и партнери. И во услови на зголемен број патници, успеавме да обезбедиме безбедно, ефикасно и непречено патничко искуство. Горди сме што продолжуваме да инвестираме во иднината на Охридскиот аеродром и поставуваме нови стандарди во работењето – велат од ТАВ Македонија.

И премиерот Христијан Мицкоски посочи дека растот на туризмот е доказ дека владините мерки почнуваат да даваат резултати.

– Имаме голем скок кај доаѓањето на нашите аеродроми. Светска банка ја рангира Македонија како прва земја во Европа по зголемениот процент на доаѓање на гости, странски туристи и преноќување. Тоа е нешто што, за нас, е навистина импресивно и големо признание – изјави Мицкоски.

Според него, растот на туризмот треба да се почувствува и во економијата, бидејќи повеќе туристи значат повеќе работа за хотелите, рестораните, превозниците и за малите бизниси.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ