Новото поскапување на горивата повторно брцна во џебот на граѓаните, а дизелот се приближува до границата од 100 денари за литар. Возачите стравуваат дека ќе се одразат високите цени и врз трошоците за секојдневниот живот и транспортот. Владата најавува можни мерки по 31 јули, додека граѓаните чекаат дали ветеното олеснување навистина ќе донесе поевтино точење. Падот на цената на нафтата на светските берзи дава надеж дека следната недела може да следува намалување на цените

По новото поскапување на горивата, Владата најавува можни интервенции за ублажување на ценовниот удар, но дури по завршувањето на законскиот двонеделен пресметковен период. Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека една од мерките што се разгледуваат е намалување на ДДВ за горивата, но нагласи дека не може да биде донесена таква одлука пред 31 јули.

Според него, Законот предвидува анализа на двонеделен циклус, по што Владата ќе може да донесе дополнителни мерки доколку процени дека има потреба. Тој потсети дека претходно веќе било интервенирано со намалување на акцизата, а како позитивен сигнал го посочи и падот на цената на суровата нафта на светските берзи.

Премиерот очекува веќе следната недела да има поголемо намалување на цените на дизелот и на бензините, бидејќи цената на нафтата во последните два дена бележи пад и се движи меѓу 85 и 86 долари за барел. Тој оцени дека и покрај последното поскапување, Македонија и понатаму има едни од најниските цени на горивата во регионот и меѓу најниските во Европа.

– Чекаме да се затвори циклусот до 31 јули, односно втората половина од месецот, таков е законот и дури потоа да носиме дополнителни мерки. Добро е тоа што два дена по ред паѓа цената на нафтата на берзата, сега е 85 долари за барел, а ние имаме најниска цена на горивата во регионот – додаде тој.

Возачите веќе ги почувствуваа последиците од новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика. Бензините поскапеа за три денари за литар, додека дизелот се зголеми за 4,5 денари и достигна цена од 98,50 денари, доближувајќи се до психолошката граница од 100 денари за литар.

Од Регулаторната комисија објаснуваат дека ценовниот раст е резултат на повисоките референтни цени на светските пазари. Според претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, најголем притисок има кај дизелот, поради недоволното производство на нафтени деривати и намалениот капацитет на дел од рафинериите, кои се оштетени во конфликтите на Блискиот Исток.

И покрај домашното поскапување, движењето на меѓународните пазари во меѓувреме испраќа пооптимистички сигнали. Цената на суровата нафта од типот брент вчера падна на околу 85,7 долари за барел, што претставува речиси трипроцентно намалување во однос на претходниот ден. Познавачите на состојбите го поврзуваат падот со сигналите за смирување на тензиите на Блискиот Исток откако Вашингтон најави привремен прекин на воените активности против Иран.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ