Европа се подготвува за зимата со грижи. Резервите на природен гас се на најниско ниво во последните неколку години, а стравувањата растат дека доколку биде студена и долга, зимата може повторно да ги крене сметките за енергија. Според анализите, европските складишта со гас во моментов се пополнети околу 55 проценти, што е најниско ниво за овој период од годината уште од 2021 година. Иако засега нема опасност веднаш да снема гас, помалите резерви значат дека Европа ќе биде многу поранлива ако се влошат временските услови или ако има нови проблеми со снабдувањето.

По војната во Украина, европските земји значително го намалија користењето на рускиот гас и почнаа повеќе да се потпираат на течниот природен гас (ЛНГ), кој пристигнува со бродови. Но, тој пазар е ограничен, а Европа сега мора да се натпреварува со азиските земји, кои, исто така, бараат повеќе енергија.

Дополнителен проблем е што се забавија испораките на течен природен гас, додека азиските купувачи повторно ги зголемија своите набавки. Тоа значи дека борбата за достапниот гас станува уште поголема. Особена загриженост предизвикува и ситуацијата околу Блискиот Исток. Катар е еден од најголемите светски извозници на ЛНГ, а секое нарушување на транспортот низ Хормускиот Проток може да создаде сериозни проблеми за глобалното снабдување.

Но, не е само гасот проблем. Европа се соочува и со намалени резерви на дизел, гориво што е клучно за транспортот, индустријата и за греењето. Резервите се на најниско ниво од 2022 година, а нестабилноста на Блискиот Исток дополнително го отежнува снабдувањето. Експертите велат дека Европа може да помине без поголеми проблеми ако зимата биде блага. Но, доколку следуваат долги студени периоди, потрошувачката на енергија може нагло да порасне, а тоа повторно би можело да донесе повисоки цени за домаќинствата и за компаниите.

 

ИЗДВОЕНИ