Новиот документарен филм „NAZA“ на Јувал Абрахам и Рејчел Шор – авторите кои стојат зад филмот „Нема друга земја“ – беше поздравен со овации што траеја неверојатни 24 и пол минути за време на премиерата на Филмскиот фестивал во Венеција, пренесе „Варајети“.
Според извештаите од Венеција, со ова е соборен рекордот за најдолги овации на овој фестивал, надминувајќи го минатогодишниот рекорд од 22 минути за филмот „Voice of Hind Rajab“. Се вели дека ова се најдолгите овации некогаш забележани на кој било филмски фестивал.
Добитникот на „Оскар“, Џонатан Глејзер, режисер на филмот „Зона на интерес“ (The Zone of Interest) и извршен продуцент на „NAZA“, ги прегрна и им аплаудираше на режисерското дуо за време на долгиот аплауз.
Тие беа видливо трогнати во одредени моменти, бришејќи си солзи, додека членовите на публиката креваа палестински знамиња.
Филмот, според официјалниот синопсис истакнат од „Варајети“, детално ги прикажува „системите што стојат зад планираното масовно убивање на палестински цивили во Газа“.
Овој документарец е снимен ноќе на покривите во Тел Авив и содржи интервјуа со 24 припадници на израелската воена разузнавачка служба и војници.
Што значи „NAZA“?
Името „NAZA“, кое се појавува низ целиот документарен филм, е акроним што израелските разузнавачки служби го користат за „колатерална штета“, односно за бројот на цивили за кои се очекува дека ќе загинат во некој воздушен напад.
Абрахам и Рејчел беа меѓу четворицата режисери на филмот „No Other Land“ (Ниту една друга земја), кој ја освои наградата „Оскар“ за најдобар долгометражен документарен филм за 2025 година и ја раскажува приказната за напорите на израелската влада насилно да ги исели Палестинците од нивните домови во јужниот дел на Западниот Брег.
„NAZA“ е единствениот долгометражен документарен филм во овогодишната натпреварувачка селекција на Филмскиот фестивал во Венеција.
Филмот е во продукција на британскиот весник „Гардијан“ (The Guardian) и Џејмс Вилсон од продукциската куќа „JW Films“, додека извршен продуцент е Џонатан Глејзер.












