Забрани за влегување со цел да се прават најразлични верски, но и други активности, полициски акции за откривање ќелии во кои се подготвуваат терористички активности, следење на активностите на поранешните припадници на Исламска држава… само се дел од активностите што се преземаат во последно време во регионот, со цел спротивставување на радикалните исламски верски структури. Во земјите во регионот какви што се Албанија, Косово, Македонија… веќе се изрекуваат забрани за влегување на одредени неподобни лица за кои се проценува дека имаат активности и ставови надвор од прифатливите. Истовремено, за релативно кратко време од година и пол, само во Македонија се откриени неколку групи и поединци што се сомничат дека подготвувале терористички активности мотивирани од радикални верски мотиви. Безбедносните експерти оценуваат дека се случува поинтензивна активност на безбедносните служби, која особено треба да биде насочена кон оние верски структури што се вратиле во регионот по учеството на страната на Исламска држава во војните во Ирак и во Сирија, но и кон оние што, како верски водачи, убедувале да се влезе во редовите на такви радикални структури.
Прашањето за делувањето радикални исламски структури во регионот, особено во Македонија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и во Србија, е постојано актуелно. Во сите овие земји постојат легитимни исламски верски заедници, но и покрај тоа, тие не успеваат да ја држат состојбата под контрола. Односно, чести се појавите на делување на самостојни исламски духовни водачи, кои крстосуваат по регионот, а чии проповеди ги слушаат голем број верници. Тие некогаш имаат и поддршка во внатрешните структури на исламските заедници – во одредени џамии во урбаните и во руралните средини, по што се регрутираат нови и нови приврзаници на нивното учење.
Држи ли Бекир Халими предавања во скопските џамии?
Албанската полиција неодамна им забрани влез на своја територија на имамот од Скопје, Бекир Халими, и на поранешниот македонски функционер, Ваљон Беља, при што тие добија забрана за влез во траење од десет години. Сомневањата се дека спроведуваат активности насочени против албанската држава. Името на Бекир Халими веднаш повлече прашања околу неговите верски активности, со оглед на фактот што и во Македонија беше под сомневање за делување од радикални исламски верски позиции. Халими беше член на поранешната ОНА, а во 2008 беше осомничен за поврзаност со терористичка ќелија на Ал Каеда. Во еден период, ИВЗ го посочуваше како дел од радикални верски структури што имаат неколку џамии во Скопје под своја управа и ја повикуваше полицијата да ги ослободи. Потоа се случи процес на помирување, по кој Халими стана раководител на Библиотеката на Исламскиот факултет во Кондово, но потоа беше разрешен и, според сознанијата, е надвор од структурите на ИВЗ.
– Но, според сознанијата, тој и натаму одржува верски предавања во одредени џамии во Скопје. Тоа не е во ред, бидејќи не може да се одржи такво нешто без одобрение од ИВЗ. Меѓутоа, неговите приврзаници во џамиите му го овозможуваат тоа – наведува изворот на весникот ВЕЧЕР запознаен со состојбите во исламскиот корпус во земјава.
Надлежниот скопски муфтија, Ќемал Исмаили, вчера, пак, беше недостапен за коментар на ваквото тврдење.
Нашите извори наведуваат дека во Скопје, но и во други градови во земјава, има повеќе примери на доаѓање најразлични духовни учители, кои држат предавања во најразлични места. На самостојниот исламски теолог Елведин Пезиќ од БиХ, полициските органи на Косово деновиве не му дозволија држење предавања и промоции на косовска територија. Пезиќ, чии радикални ставови околу положбата на жените и правото на мажите физички да ги удираат последниве години предизвикуваат бројни реакции, во август минатата година гостувал и во Македонија. Тогаш, според објавените информации, одржал молитва во струшкото село Октиси и јавен настан во Струга, во организација на Фондацијата „Зеќат“ од Октиси.
Од друга страна, македонската полиција последниве две години имаше неколку успешни акции за откривање радикални ќелии што подготвувале терористички активности. Во јуни, полицијата поднесе кривична пријава против пет лица што кон крајот на 2024 година формирале медиумски канал и преку него повикувале и поттикнувале формирање терористичка група по примерот на ИСИС. Претходно, во февруари, било приведено лицето К. Х. (20), кое на крајот од јануари годинава, преку социјалната апликација „Дискорд“, испратило сериозна закана дека е подготвено да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како „калашников“. Тој месец, Јавното обвинителство почна истражна постапка против три лица од Скопје, осомничени за исламски радикализам. Претходно, во јануари минатата година бил уапсен 21-годишниот гостиварец Г. М. и уште три други лица поради подготвување терористички акции.
Држење под постојан надзор
На сите овие акции се надоврзуваа и информациите за постоење радикални структури во повеќе македонски општини како Чаир, Гостивар, Струга… при што, како последица од нивното делување, се регрутираат приврзаници од младата генерација. Безбедносниот експерт Љубомир Ѓурчевски смета дека најмногу регрутираат верските учители.
– Тие имаат голема моќ на убедување да придобијат одредена млада личност за своите цели. Да не заборавиме дека во овој регион има многу повратници што војувале во редовите на Исламска држава. Тие, секако, имаат свои агенди. Поради тоа, добро е што се активни безбедносните служби и преземаат мерки. За тоа е најважно постојано следење на активностите што ги имаат овие структури, почнувајќи од тоа дали се на подрачјето на нашата земја и со кого сè имаат контакти. Ние уште долго време ќе бидеме кризно подрачје и ќе имаме проблем со ваквите структури. Односно, ќе има откривања недозволени активности, на одредени ќелии што подготвуваат недозволени дејства. Потребна е постојана будност – предупредува експертот Ѓурчиновски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Според процените, во Македонија има стотина припадници што пред десетина години војувале во редовите на Исламска држава во Ирак и во Сирија.
Изворите на ВЕЧЕР укажуваат и на одредена промена во однесувањето на големите исламски држави во светот кон ваквите структури. Односно, дека дел од земјите веќе не им даваат поддршка на радикалните структури во другите земји. А со тоа, нивните експоненти и во нашиот регион стануваат сè повеќе изолирани и осамени во делувањето. (Б. Ѓ.)












