– Каде ми е местото и зошто не сум таму каде што треба да бидам присутен како музичар? Вака нашиот многу познат мултиинструменталист и еден од најголемите заштитници на изворната македонска музика, Гоце Димовски, ги прашува македонската јавност, публиката, новинарите и обожавателите. Роден е во Скопје, а основното образование го стекнува во училиштето „Марко Цепенков“, додека средното образование го стекнува во музичкото училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Покрај неговиот татко, Ангеле Димовски, како член на семејниот оркестар „Шарен кавал“, станува познат и сакан и надвор од границите на Македонија. Треба да се истакне и издавањето на неговиот соло албум, насловен како „Потковица“, кој изобилува со звуците од сите изворни дувачки инструменти.
Меѓутоа, деновиве Гоце Димовски се најде во (епи)центарот на вниманието, откако по лавината реакции на неговата изјава (на фејсбук): „Сакам да ве известам дека веќе не мора да ме барате за свирки и какви било настани, снимања… Јавно да знаете дека веќе не го работам ова, освен тоа што ми е од порано закажано…“, па реши јавно да ја открие вистинската причина поради која сериозно посакува да се повлече од сцената.
– И не сум само јас, има и многу други колеги, но тие молчат, вели загрижениот Гоце. Разбирам дека старееме, но што ако се случи нешто во врска со здравјето? Ќе го интересира ли тоа некого? Или треба да завршиме како некои наши најголеми музички имиња, па потоа да констатираме „ова-она“, а човекот отиде на оној свет. Дали воопшто знаете какво е чувството да свирите на највисоки државни настани, сите да ви кажуваат дека сте најдобри, а никој да не ве праша дали сте вработени и дали имате работен стаж? со право прашува Димовски.
Тој, меѓу другото, открива дека чекајќи на државата, успева 11 години сам да си плаќа за работен стаж. Но, прашањето е зошто нашите институции честопати остануваат незаинтересирани?
Со години сите зборуваме за значењето на традицијата и културниот идентитет на Македонците, но луѓето што го чуваат тој идентитет, најчесто ние музичарите, остануваме без институционална грижа, без сигурност и без признанијата што треба да ги имаме, констатира Гоце.
Почитуваниот македонски мултиинструменталист открива дека во својата богата 35-годишна кариера никогаш не барал вработување преку врски или со политички влијанија да си ја оствари целта. Како хонорарец свирел во Оркестарот за народни инструменти при Македонската радио-телевизија, како гајдаџија, но не добил Решение за засновање на работен однос, па така оттаму нема ниту стаж за годините поминати во МРТВ. Иако зад себе има и почитувана долгогодишна работа со светски познатата македонска група „Синтезис“.
Димовски објаснува дека ниту во тоа не е суштината на проблемот.
– Не е причина тоа што некој се најде многу умен, па ме навреди дека јас и мојот татко сме немале врска од музика. Секој има право на свое мислење. Отворам многу подлабока тема, за која, пак, ќе кажам: лошиот однос и пристап на нашите институции кон луѓето кои со децении ја негуваат и ја претставуваат македонската традиционална музика ширум светот. Таквиот однос носи разочарување и откажување од музиката кај многу млади талентирани македонски музичари.
Гоце ветува дека нема да се смири сè додека не го добие „вистинскиот одговор“.
– Ќе нагласам дека по ова мое кажување, и другите колеги нема зошто да молчат. Се надевам дека и тие ќе дадат свое мислење. А, обожавателите на Гоце Димовски веќе имаат свој став, свое мислење и свој коментар: – Жална работа е да те изгубиме, да заминеш од сцената, а треба уште долго да траеш. Сите овие години ни ги веселеше нашите македонски души со твоите прекрасни инструменти. Затоа, Гоце, немој да се откажуваш. Среќата е секогаш на твоја страна!
Инаку, Гоце неодамна го слушнавме и како специјален гостин на солистичкиот концерт на неговиот популарен колега Бобан Цаневски, кој за Гоце имаше само пофални и крајно искрени зборови: – Ти си мој другар уште од војничките денови, еден и единствен. Музиката ја носиш во себе цел живот, а тоа е спојот на автентичен тон и душа во свирењето, кое или го имаш или го немаш. Тоа го знаат сите и никој не може да ја оспори твојата вредност. Ти си еден и единствен и не им го прави ќеифот на сите душегрижници. Ми беше голема чест што беше дел од мојот концерт.
Дуле Миќиќ












