Претседателката Гордана Силјановска-Давкова вели дека Северна Македонија презела чекори за градење консензус за прашањата од национален интерес, но оти процесот бил прекинат откако опозициските партии не се вклучиле во разговорите. Таа смета дека за надворешната политика е потребен унифициран став, особено кога станува збор за прашања од национален интерес.
Во интервју за телевизија Сител, Силјановска-Давкова, одговарајќи на прашањето зошто земјава не презема чекор што би ја извадил од статус кво ситуацијата со Бугарија, рече дека таков чекор бил преземен преку иницијативите за создавање атмосфера на доверба и внатрешен консензус.
– Точно е дека во секоја демократска држава има разлики, помали или поголеми, помеѓу власта и опозицијата, но, за жал, во некои држави, дури и кога не се на страната на вистината, тие во еден глас говорат кон надвор. Почнавме ние, ако се сеќавате, преку средби, да создаваме една атмосфера. Јас не знам колку пати сум рекла дека не се оди надвор без да се постигне консензус дома и без да има договор – говорам за прашања од национален интерес – рече претседателката.
На прашањето дали станува збор и за предлог за уставни измени со одложено дејство, таа одговори дека конкретно за тоа не било разговарано, но оти ставот бил дека кон надвор треба да се настапува со унифицирана позиција.
Силјановска-Давкова посочи дека разговорите со политичките партии требало да бидат еден од следните чекори, но дека претставници на опозицијата не се појавиле на средбите.
– Околу консензусот приказната се прекина среде. Зошто? Бидејќи лидерот тогаш на Социјалдемократскиот сојуз отиде во Брисел и по враќањето почна да зборува гласно дека не гледа никакви проблеми, дека нема никаква закана по идентитетот – рече Силјановска-Давкова.
Во однос на тврдењата дека нема закана по македонскиот идентитет, претседателката рече дека треба да се разгледа преговарачката рамка, посочувајќи ја издвоената изјава на Бугарија во однос на македонскиот јазик.
– Сите кои тврдат дека нема никаква закана, нека отворат преговарачка рамка. Во самата преговарачка рамка е внесена издвоената изјава на Бугарија во поглед на македонскиот јазик. Точно е дека ЕУ вели дека нема проблем со тој јазик, меѓутоа ако спротивно на сите меѓународни норми во 21 век, од оние во Обединетите Нации, влезе во една преговарачка рамка една ваква изјава, зошто да не се сомневам јас во заканата, затоа што зошто инаку би се инсистирало на вакво нешто? Ако нема проблем, извинете, тогаш што е прашањето врзано со Бугарите? Зар не е тоа идентитетско прашање? Кој досега преговарал во ЕУ за идентитет? Што е историјата ако не е идентитет, еве да прашам? Што е културата ако не е идентитет? – рече Силјановска-Давкова.
Таа, сепак, оцени дека има промена во односот на Европската Унија кон потребата од дијалог меѓу Скопје и Софија, откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен јавно повикала на продолжување на разговорите.
– Очигледно дека има промена кога отворено тоа е побарано од Европската Унија, преку претседателката на Европската комисија. Сите го чувме тоа. Да потсетам, и господинот претседател на Европскиот совет Антонио Кошта во Софија со слична дикција настапи, па дури и рече дека се потребни некакви гаранции – истакна Силјановска-Давкова.












