Научници од Хонг Конг развија брз и евтин „жив“ градежен материјал за домовите на идните колонизатори на Марс – составен од генетски модифициран квасец, желатин и песок – кој може да се печати со 3Д-технологија.
На идните колонизатори на Марс ќе им бидат потребни домови, но тие се соочуваат со избор: или да потрошат огромни суми пари за транспорт на градежни материјали од Земјата, или да вложат огромно количество енергија за претворање на почвата од Марс во тули.
Научници од Универзитетот за наука и технологија во Хонг Конг (HKUST) развија иновативен, евтин и енергетски ефикасен „жив“ градежен материјал за 3D печатење куќи на Марс, составен од комбинација на генетски модифициран квасец, желатин и почва од Марс – односно реголит.
Според информативниот портал SCMP, студијата на научниците од Хонг Конг, објавена минатиот месец во онлајн изданието на списанието *Chem Circularity*, опишува биолошко врзивно средство што ги поврзува грануларните материјали.
Оптимизираната мешавина покажа цврстина на притисок од приближно 12 мегапаскали (MPa) – што е околу 170 проценти повисоко од контролната мешавина – со што се вбројува во опсегот на вредности типични за конвенционалните градежни материјали.
Клучните карактеристики на ова решение вклучуваат природно сушење со замрзнување, исклучителна цврстина и ефикасност во користењето на ресурсите.
Кога оваа мешавина се печати во 3D формат на површината на Марс, изложеноста на екстремно студената и сува атмосфера предизвикува материјалот сам да се исуши преку замрзнување.
За време на овој процес, квасецот делува како природно лепило, претворајќи ја мешавината во лесен, но изненадувачки цврст материјал, со издржливост споредлива со полесните видови бетон. Процесот ја елиминира потребата од печки со висока температура, со што драстично се намалува потрошувачката на енергија потребна за изградба на колонии на Марс. Иако досега успешно се испечатени само мали пробни структури, ова откритие на научниците од Хонг Конг има огромно значење за развојот на животот надвор од Земјата.












