Проектот предвидува воспоставување интегриран систем кој ќе овозможи селекција, собирање и современ третман на отпадот во сите 18 општини од двата региони. Со неговата реализација се очекува конечно системско решавање на проблемот со дивите депонии, кои со години ја оптоваруваат животната средина. Дополнително, институциите најавуваат дека паралелно ќе се работи и на нивно чистење и санација, за што допрва ќе се обезбедуваат финансиски средства
Во Пелагонискиот и Југозападниот Регион, до крајот на годинава, треба да се заокружи процесот за воспоставување регионален систем за управување со отпад, еден од најзначајните инфраструктурни и еколошки проекти во државата, кој треба да донесе системско решение за долгогодишниот проблем со дивите и нестандардни депонии.
Станува збор за регионален модел, кој ќе опфати 18 општини и околу 350.000 жители, со централен капацитет за управување со отпад кој ќе се гради во Општина Новаци. Во рамки на системот се предвидени една регионална депонија, четири претоварни станици и повеќе собирни центри, со што се воспоставува комплетна инфраструктура за селекција, транспорт и третман на отпадот. Со реализацијата на овој проект ќе бидат затворени 16 депонии, кои во моментов функционираат без никакви еколошки стандарди, што со години претставува еден од најсериозните проблеми за локалните заедници.
Процесот беше презентиран денеска, на регионалниот форум, „Заедно за регион без отпад: кон функционален и одржлив регионален систем“ што се одржа во Скопје, на кој учествуваа претставници на Владата, општините, меѓународни партнери и експерти. Форумот е дел од проектот за одржливо управување со отпад, поддржан од Кралството Шведска и имплементиран од SALAR International во соработка со домашните институции.
Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, истакна дека регионалниот пристап е единствено одржливо решение за справување со проблемите кои поединечните општини не можат самостојно да ги надминат.
– Нелегалните депонии, недоволната инфраструктура и ограничените ресурси не можат да се решат без заеднички регионален пристап. Ова не е само административна обврска, туку суштинска реформа и инвестиција во иднината на нашите општини – рече Лашкоска.
Таа додаде дека државата веќе ги обезбедила клучните финансиски извори за реализација на системот.
– Обезбедени се средства преку заем од Европската банка за обнова и развој, како и значајни грантови од Шведска и Швајцарија. Опремата за комуналните претпријатија веќе се набавува, а до крајот на годинава, сите општини ќе бидат целосно опремени со потребните возила – нагласи Лашкоска.
Амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Солстром, истакна дека управувањето со отпад не е само техничко, туку и суштинско прашање за квалитетот на животот и на европската иднина на земјата.
– Кога системот функционира, никој не го забележува. Но кога не функционира, последиците ги чувствуваат и граѓаните и природата. Ова е важен чекор на патот кон Европската Унија – рече Солстром.
Од ЗЕЛС беше нагласено дека локалните самоуправи со години се соочуваат со проблем кој не може да се реши на поединечно ниво.
– Предолго време општините се обидуваат сами да се справат со отпадот, но без системско решение, тоа не е возможно. Ова е можност конечно да се воспостави функционален модел кој ќе донесе стандарди и ред – истакна извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ.
Извршниот директор на SALAR International, Рајан Нокс, порача дека процесот влегува во клучна фаза – имплементација.
– Сега започнува најважниот дел. Сите анализи и планови се завршени, но без реализација, тие немаат ефект. Заедничкото деjствување е и поефикасно и финансиски поисплатливо отколку поединечни решенија – рече Нокс.
Градоначалникот на Новаци, Стевче Стефановски, посочи дека општината е избрана како најсоодветна локација за регионалниот центар поради нејзината географска положба и деградираните површини во близина на индустрискиот комплекс РЕК Битола.
– Ова е голем проект не само за нашата општина, туку и за целиот регион. Очекуваме конечно да се затворат сите нестандардни депонии и да се воспостави систем кој ќе биде одржлив за идните генерации -– изјави Стефановски.
Во наредниот период треба да се формира и регионално комунално претпријатие, како и да се изработи Регионален план за управување со отпад за периодот 2027 – 2032 година, кој ќе ја дефинира долгорочната стратегија за работа на системот.
Како што беше истакнато на форумот, со овој проект се поставуваат темелите за прв вистински интегриран регионален систем за отпад во државата, кој треба да обезбеди значително намалување на загадувањето, подобрување на јавните услуги и приближување кон европските еколошки стандарди.
(С. Бл.)












