Со 7,5 милиони евра ќе се финансира регионален акциски план за намалување на загадувањето и подобро управување со водните ресурси во Дримскиот басен. Проектот ги опфаќа Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и Грција, со цел заедничко и координирано дејствување. Акцентот е ставен на мониторинг на водите, намалување на земјоделското загадување и јакнење на институционалните капацитети. Експертите предупредуваат дека загадувањето и дивите депонии остануваат сериозна закана за целиот воден систем во регионот

Земјите што го делат сливот на реката Дрим ќе добијат финансиска поддршка од 7,5 милиони евра за спроведување мерки за намалување на загадувањето и подобрување на управувањето со водните ресурси во регионот. Средствата се обезбедени преку меѓународни организации за заштита на животната средина и ќе бидат насочени кон реализација на заеднички акциски план во кој се вклучени Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и Грција.

Поддршката беше објавена на 10. Дримска конференција што се одржа во Струга, каде што претставници на националните институции, локалните власти и меѓународните организации разговараа за идните чекори во заштитата на еден од најзначајните водни системи во регионот.

Инаку, Дримскиот басен претставува стратешки ресурс со исклучително значење за економскиот развој, животната средина и регионалната соработка. Во  наредниот период се очекува формирање експертски тимови што ќе работат на подготовка на меѓународен договор за координирано управување со реката Дрим, како дел од пошироките напори за зајакнување на прекуграничната соработка во регионот на Охридското и Преспанското Езеро.

Еден од најголемите предизвици останува загадувањето долж течението на реката. Заменик-регионалниот координатор на Секретаријатот на ГВП-Мед, Димитрис Фалуцос, предупреди дека несоодветното депонирање отпад и загадувањето од земјоделските активности имаат директно влијание врз целиот воден систем. Тој посочи дека поради поврзаноста на водните текови, загадувањето лесно се пренесува од една во друга држава, што ја наметнува потребата од усогласени мерки и постојан мониторинг на состојбата на терен.

– Не станува збор за проблем на една држава, туку за заеднички предизвик на целиот басен. Поради тоа се подготвува регионален акциски план кој ќе ги обедини институциите од сите пет земји – рече Фалуцос.

На конференцијата беше истакнато дека средствата ќе бидат искористени за мониторинг на водите, воведување технички решенија за намалување на земјоделското загадување и јакнење на институционалните капацитети за заштита на животната средина.

Градоначалникот на Охрид и претседател на Југозападниот плански регион, Кирил Пецаков, порача дека Охридското Езеро и Дримскиот басен се меѓу највредните природни богатства во Европа и нивната заштита мора да остане приоритет на сите нивоа. Тој потсети дека локалната самоуправа веќе реализира проекти за подобрување на управувањето со атмосферските и отпадните води, со цел да се намали притисокот врз езерскиот екосистем и да се создадат предуслови за развој на одржлив туризам.

Инаку, експертите предупредуваат дека Дримскиот басен располага со најголемите резерви на пивка вода во државата, но истовремено се соочува со сериозни закани од диви депонии, недоволно истражени подземни води и недоволно развиен систем за мониторинг. Дополнителен предизвик претставува и состојбата со колекторскиот систем околу Охридското Езеро. Еколошките организации укажуваат дека е неопходна негова санација и модернизација, бидејќи дел од пречистените води завршуваат во Црн Дрим, што може да има долгорочни последици врз водниот екосистем во регионот.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ