Германскиот тенисер Александар Зверев го освои својот втор гренд слем трфеј. За само неколку месеци, тој крена два пехара, прво на Ролан Гарос, а потоа и на Отвореното првенство на САД. Во финалето во Њујорк, тој го победи Бен Шелтон и ги разочара Американците – 6:3, 7:6, 5:7, 6:2. После тоа, тој одржа емотивен говор.
„Не освоив ниту една титула до оваа година, сега освоив две во една. Мислам дека Бог виде колку напорно работевме, низ каква болка поминавме. Оваа сезона е резултат на сите години работа пред ова. Ви благодарам на сите, не би бил тука без вас. Благодарам на уште една личност која никогаш не ги гледа моите натпревари, тоа е најважната личност во мојот живот. Кога на четиригодишен син ќе му биде дијагностициран дијабетес, потребна е силна мајка да излезе од таа ординација и да каже: Мојот син ќе биде што сака да биде, ако сака да биде тенисер, ќе биде. Среќен сум што ги правиме работите што ги правиме. Мојата мајка е најважната и најсилна личност што ја познавам, потребна е толку силна личност за да го направи она што го направи“, рече Зверев, во своето обраќање до неговата мајка Ирина.
Шелтон, исто така, му оддаде признание на греманскиот тенисер за се што постигна оваа година.
„Прво и најважно, сакам да му се заблагодарам на Бога. Моите успеси се подарок. Неуспесите се подарок. Да бидам тука и да играм пред сите вас е подарок. Саша, честитки за овие две недели, твојата втора гренд слем титула, твојата втора за една година. Ти си еден од најдобрите играчи во светот. Можеби најдобриот играч оваа година. Она што го правиш е неверојатно“, рече Шелтон и додаде:
„Начинот на кој сервираш, се движиш и играш. Работиш понапорно од кој било што го познавам. Поминуваш повеќе часови на теренот од кој било друг. Ти и твојот тим ги правите работите на правилен начин. Среќен сум што го држиш овој трофеј. Чекаше долго време.“
Зверев, освен освојувањето на титулите на САД Опен и Ролан Гарос, годинава играше и во финалето на Вимблдон, каде што беше поразен од Италијанецот Јаник Синер и во полуфиналето на Австралија опен.












