Само неколку дена пред изборите за претседател на Меѓународната скијачка федерација (ФИС), светот на скијањето се соочува со една од најголемите кризи во својата историја. Незадоволството од работата на актуелниот претседател Јохан Елијаш прерасна во отворен конфликт, а против него јавно застанаа некои од најголемите ѕвезди на денешницата.

Меѓу најгласните критичари се наоѓаат олимписките шампиони и светски асови Марк Одермат и Микаела Шифрин, кои сметаат дека Елијаш не ги исполнил ветувањата дадени при преземањето на функцијата. Швајцарецот Одермат отворено порача дека на скијањето му е потребен лидер кој ќе работи во интерес на спортот, а не во сопствен интерес.

Дополнителен револт предизвикува финансиската состојба во федерацијата. Според критичарите, ФИС од организација со 142 милиони евра на сметката дошла до само 46 милиони евра резерви, без притоа да бидат реализирани најавените инвестиции и зголемувања на наградните фондови за спортистите.

Ситуацијата дополнително се вжешти по заминувањето на Урс Леман, еден од водечките луѓе во организацијата, кој наводно предупредил дека федерацијата може да се соочи со сериозни финансиски проблеми во следните неколку години. Наместо смирување, следуваше нова ескалација, откако Елијаш возврати со остри обвинувања кон својот поранешен соработник.

И покрај силниот отпор од најголемите скијачки нации, актуелниот претседател и натаму има значајна поддршка од помалите федерации, што може да биде клучно на изборите закажани за 11 јуни во Белград.

Доколку Елијаш добие нов мандат, сè погласни се најавите за можен раскол во светското скијање. Неколку водечки федерации веќе размислуваат за формирање сопствено натпреварување, во кое би биле вклучени најпрестижните класични трки во Венген, Аделбоден, Кицбил и Вал д’Изер.

Изборите во Белград така би можеле да станат пресвртница што ќе ја одреди иднината на алпското скијање и ќе покаже дали ФИС ќе остане обединета или ќе влезе во период на длабоки поделби и неизвесност.

ИЗДВОЕНИ