Пејачот и текстописец Талај Рајли почина на 35-годишна возраст откако беше избоден во источен Лондон.
Полицијата соопшти дека музичарот, чие вистинско име е Марк Орабији, бил пронајден со убодни рани во областа Силвертаун во петокот и починал на местото на инцидентот, објави „Скај њуз“.
Рајли беше текстописец добитник на „Греми“ кој има соработувано со голем број познати уметници, вклучувајќи ги Дуа Липа, Бритни Спирс и Ели Гулдинг. Тој имал речиси 77.000 слушатели на Spotify и претходно бил на турнеја со Ашер и други музичари.
Во емотивна објава на социјалните мрежи, неговиот брат, музичарот Скрибз Рајли, чие вистинско име е Мајкл Орабији, напиша: „Срцето ми е скршено! Ова не се чувствува реално. Се чувствува како лош сон. Непосредно пред да заспие, разговаравме за иднината, останувајќи позитивни и за сите работи што сè уште планиравме да ги направиме. Никогаш не замислував дека тоа ќе биде нашиот последен разговор“.
Тој додаде дека неговиот брат бил „пријател на многумина, ментор, инспирација и светлина во животите на многу луѓе“. „Тој длабоко сакаше, несебично даваше и допре безброј луѓе со својот талент, љубезност и дух“, рече тој.
Во соопштението од семејството се вели: „Марк беше сакан син, брат и пријател. Тој донесе љубов, светлина и радост во нашето семејство и на сите што го познаваа. Засекогаш ќе ја цениме неговата љубезност, прекрасен дух и извонреден талент. Неговото присуство допре толку многу животи и неговото сеќавање засекогаш ќе биде во нашите срца. Нека неговата душа почива во совршен мир“.
Полицијата соопшти дека уште еден маж на возраст од 20 години, кој исто така бил избоден со нож во истиот инцидент, останува во болница со повреди кои не се опасни по живот. Три лица се уапсени во врска со инцидентот, соопшти Метрополитенската полиција.
Еден 27-годишен маж е ослободен со кауција во исчекување на понатамошни истраги, додека еден 24-годишен маж и една 25-годишна жена се ослободени без понатамошни дејствија по полициското испрашување.












