Лидерот на германската левичарска партија, Јан ван Акен, ја предложи поранешната канцеларка Ангела Меркел како можен посредник на Европската Унија во преговорите меѓу Русија и Украина, објави денес германски „Шпигел“.
„Претседателот на САД, Доналд Трамп, нема да ја спаси Украина“, изјави Ван Акен за новинарите во Берлин, додавајќи дека, според тоа, ЕУ мора да направи многу повеќе за преговорите и дипломатијата.
Тој додаде дека Меркел би можела да има балансирачки ефект.
Името на поранешната канцеларка е на дневен ред од мај, а Кремљ претходно го предложи поранешниот канцелар Герхард Шредер за медијатор, што, сепак, беше одбиено во Германија, објави „Танјуг“.
Ван Акен рече дека овој предлог не е сериозен, но со оваа иницијатива, Русија, за прв пат досега, го изговори зборот „преговори“, објавува весникот.
Лидерот на Левичарската партија рече дека може да ја замисли Меркел како сериозен преговарачки партнер кој би можел да ги разгледа перспективите на ЕУ и кој би бил сериозно сфатен и од Москва и од Киев.
Ван Акен е уверен дека сериозни разговори меѓу двете завојувани земји ќе се одржат оваа година.
„Само Европа може да ги движи преговорите напред“, додаде тој.
Во меѓувреме, во неделата вечерта, канцеларот Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер се состанаа во Лондон за да разговараат за понатамошна поддршка за Украина и перспективите за преговори со Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна кратко потоа, пишува „Шпигел“.












