вторник, август 25, 2026
Дома СКОПСКА Ранче со училиштен прибор за секое прваче во Бутел и Ѓорче Петров

Ранче со училиштен прибор за секое прваче во Бутел и Ѓорче Петров

16

И оваа година, сите првачиња од Општина Бутел на 1 септември ќе добијат висококвалитетен анатомски ранец со потребен училиштен прибор за непречен почеток на учебната година.

Заедно со висококвалитетниот анатомски ранец, овој пакет ќе содржи и помагало за броеви, блок, дрвени боички, фломастери, пластелин, моливи, тетратка, моливи, острилка и гумичка. Покрај тоа, сите првачиња во општинските основни училишта ќе добијат и униформи.

– Овој училиштен пакет има за цел на родителите да им овозможи финансиско олеснување за кое би требало да издвојат околу 9.000 денари. Инвестираме во квалитетно образование и подобри услови за нашите најмали. Создаваме средина во која секое дете ќе има можност да расте, учи и да го развива својот потенцијал. Бидејќи вложувањето во децата е вложување во иднината на нашата општина – велат од локалната самоуправа.

И 410 првачиња кои се очекуваат во новата учебна година во општина Ѓорче Петров ќе добијат бесплатно анатомско ранче и училиштен прибор.

– Во изборот на ранчињата учествуваа и идните првачиња од детската градинка „Росица“, со што најмладите директно беа вклучени во подготовките за нивниот прв училиштен ден – соопштија од Општина Ѓорче Петров.

Дополнително, со почетокот на учебната година, секое прваче ќе добие и еднократна парична поддршка во износ од 3.000 денари од Општина Ѓорче Петров, како и бесплатна ужина.

– Со овие мерки, општината има за цел да им помогне на семејствата во периодот кога трошоците за почетокот на учебната година се зголемени, но и да обезбеди еднакви и достоинствени услови за секое дете кое го започнува своето образование – велат од локалната самоуправа.

ИЗДВОЕНИ