Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска и директорот на Природонаучниот музеј, Ивица Заркадов, потпишаа Меморандум за соработка за унапредување на образованието на учениците од основните училишта на територијата на Општината.
– Со овој Меморандум поставуваме основа за организирани и континуирани едукативни активности во Музејот, со цел наставните содржини да им бидат поблиски, поинтересни и попрактични на учениците – соопштија од Општина Кисела Вода.
Притоа, наведуваат дека посебен акцент се става на поттикнување интерес кај младите за природните науки и природното наследство на нашата држава, како и на развивање љубов кон природата и татковината. Дополнително, ќе се организираат стручни водства низ постојаните музејски поставки, тематски работилници согласно интересот на училиштата, како и предавања, презентации и практична настава со стручни лица и експерти од различни области во училиштата.
Активностите ќе се реализираат во согласност со наставните програми и по барање на училиштата, со цел знаењето стекнато во училниците да добие своја практична примена.












