среда, август 5, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Работодавачите го гледаат само профитот, а работниците паѓаат во несвест од жештините

Работодавачите го гледаат само профитот, а работниците паѓаат во несвест од жештините

ССМ бара мерките за заштита од екстремните горештини да станат законска обврска, а не само препорака. Синдикатот предупредува дека работниците што работат на отворено се изложени на сериозни здравствени ризици, а дел од нив веќе паѓаат во несвест од високите температури. Од ССМ велат дека за дел од работодавците сè уште најважна е заработката наместо здравјето и безбедноста на работниците

1

Работодавците ги интересираат профитот и заработката, а не здравјето на работниците, обвинуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Според нив, работодавците треба да сфатат дека здравиот работник е најдобар и најпродуктивен работник, но и покрај екстремно високите температури, голем дел од работниците, особено градежниците и оние што работат на асфалтирање, и натаму работат на отворено, во услови што сериозно го загрозуваат нивното здравје. Од ССМ бараат доследно почитување на мерките за безбедност и здравје при работа, намалување или прекин на работата на отворено во најтоплиот дел од денот и обезбедување соодветна заштита за работниците.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, изјави за весникот ВЕЧЕР дека работодавците се должни да обезбедат соодветни услови за работа, кои нема да ги загрозат животот и здравјето на работниците.

– ССМ со години бара во регулативата прецизно да се утврди над кои температури во лето и под кои температури во зима не смее да се работи на отворено. Ова е наше долгогодишно барање, но досега работодавците немаат слух за него. Сепак, нема да се откажеме од оваа иницијатива, бидејќи сметаме дека мерките за заштита на здравјето на работниците во услови на топлотни бранови или на екстремно ниски температури не смеат да останат само препораки туку мора да станат и законска обврска за работодавците – изјави Трендафилов.

Трендафилов апелира до работодавците да не дозволат работниците да ги ризикуваат своето здравје и својот живот поради екстремно високите температури, посочувајќи дека дел од нив работат во услови во кои температурата е многу повисока од онаа измерена во сенка.

– Работниците што асфалтираат патишта работат во екстремно тешки услови. Асфалтната маса достигнува температура од над 150 Целзиусови степени, а кога ќе се додадат на тоа и надворешните температури, кои надминуваат 40 степени, тие се изложени на огромен топлотен стрес. Затоа работодавците не смеат да дозволат работниците да им паѓаат во несвест или да им се загрозува здравјето поради жештините. Здравјето и животот на работниците мора да бидат пред сè – додава Трендафилов.

Градежниот експерт и сопственик на градежна компанија, Никола Велковски, вели за весникот ВЕЧЕР дека во минатото Владата носела задолжителни мерки за работа во услови на високи температури, кои работодавците морале да ги почитуваат.

– Порано имаше препораки и ограничувања за работа на отворено во најтоплиот дел од денот. Градежните работници работеа до околу 10:00 или 11:00 часот, а потоа продолжуваа по 16:00 часот. Владата носеше вакви мерки, а за работодавците што не ги почитуваа следуваа високи казни. Сметам дека државата повторно треба да воведе вакви мерки, особено за дејностите што се извршуваат на отворено, како што се градежништвото, земјоделството и другите физички работи изложени на екстремно високи температури – изјави Велковски.

Тој додава дека сега одлуката најчесто е оставена на совеста на работодавците, но смета дека профитот не смее да биде поважен од здравјето на работниците.

– Работодавците мора да сфатат дека не треба да ги гледаат само своите деловни интереси туку, пред сè, здравјето и безбедноста на работниците, бидејќи здравиот работник е и најдобар и најпродуктивен работник. Потребно е доследно да се почитуваат препораките за заштита при работа и да не се дозволува работа на отворено во периодите кога се екстремно високи температурите. Работното време треба да се приспособи на временските услови за да се заштитат работниците од сериозни последици за нивното здравје – додава Велковски.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија апелираат работодавците доследно да ги почитуваат мерките за заштита и претпазливост при работа во услови на високи температури, согласно со препораките на Институтот за јавно здравје.

– Животот и здравјето на работниците во услови на екстремно високи температури се од исклучителна важност. Работниците се двигатели на општеството и затоа нивната безбедност мора да биде приоритет. Ги повикуваме работодавците да го заштитат здравјето на своите вработени, а работниците да ги почитуваат мерките за безбедност и здравје при работа. Доколку се прекршуваат нивните права, тоа треба веднаш да го пријават кај синдикалниот претставник, претставникот за безбедност и здравје при работа или до Државниот инспекторат за труд – порачуваат од ССМ.

Од Синдикатот потсетуваат дека прекршувањето на работничките права и на прописите за безбедност и здравје при работа може да се пријави и директно до ССМ, преку електронската адреса [email protected], како и преку мобилната апликација „Мои работнички права“, преку која граѓаните можат да пријават прекршување на законите и на колективните договори.

Синдикатот предупредува дека со најавените високи температури, почитувањето на мерките за заштита не смее да остане само препорака туку мора да биде и обврска на секој работодавец, со цел да се спречат несреќи, здравствени последици и ризици за животот на работниците.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ