среда, август 5, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Само во еден месец македонските аеродроми опслужиле над 460 илјади патници

Само во еден месец македонските аеродроми опслужиле над 460 илјади патници

0

Политиките за привлекување нови авиокомпании и за отворање нови авиолинии веќе даваат конкретни резултати, а македонските аеродроми бележат историски рекорди во однос на бројот на патници и на реализирани летови, порача вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, нагласувајќи дека растот на авиосообраќајот е силен показател за развојот на туризмот, бизнисот и на целокупната економија.

Во телевизиско гостување, Николоски посочи дека Владата води паметна политика на субвенционирање и привлекување нови авиопревозници, што, како што рече, резултира со рекордни бројки на двата меѓународни аеродроми во државава.

– Почнавме една доста паметна политика на субвенционирање и привлекување нови авиолинии и нови компании што ќе оперираат од Македонија. Од друга страна, тука е и силната поддршка за туризмот. Денеска излегоа две исклучително важни бројки. Охридскиот аеродром само во еден месец опслужил 52.500 патници, што претставува раст од 41 проценти во однос на истиот период лани. Дополнително, на 20 јули биле реализирани повеќе од 20 лета во еден ден, што е апсолутен рекорд за овој аеродром. Во Скопје, пак, само во јули биле опслужени 409.000 патници и биле реализирани 2.670 лета. На 20 јули биле реализирани 101 лет во текот на еден ден, што е нов апсолутен рекорд за Скопскиот аеродром. Ако продолжиме со ова темпо, многу брзо ќе достигнеме бројка од четири милиони патници годишно, нешто што до пред неколку години беше незамисливо за Македонија – истакна Николоски.

Според вицепремиерот, ова се реални бројки на луѓе што доаѓаат во земјава, престојуваат, трошат средства за туризам и за бизнис, а ефектите од тоа директно се чувствуваат преку раздвижувањето на целокупната економија.

ИЗДВОЕНИ