Невладината организација „Амнести интернешнел“ денеска соопшти дека документирала 50 случаи на напади од страна на војници врз мигранти во Сеута, по пристигнувањето на повеќе од 70.000 мигранти во текот на два дена во јули во оваа шпанска енклава во Северна Африка.
Од „Амнести интернешнел“ наведуваат дека сметаат оти е „од суштинско значење“ да се спроведе истрага која ќе биде „брза, непристрасна, независна и темелна“, пренесува RTVE.
Невладината организација нагласи дека 18 од овие напади се случиле откако Министерството за одбрана објавило дека ќе ги истражи поплаките што веќе биле поднесени во септември.
„Организацијата документираше чести тепања и напади – со употреба на тупаници, клоци, палки, па дури и оружје за електрошок – извршени од воени лица (првенствено редовни војници) врз луѓе кои беспомошно спиеле на улиците. Овие инциденти се случија по 30 септември, датумот кога беше најавена првата истрага за овие настани“, се вели во соопштението.
Понатаму се наведува дека е неопходна „брза, непристрасна, независна и темелна“ истрага за наводите за злоставување на мигрантите, како и дека воените лица за кои постои сомневање дека се вмешани треба да бидат отстранети од должност како мерка на претпазливост.
Владата на Сеута проценува дека во градот останале околу 15.000 мигранти, кои не се вратиле во своите матични земји по масовниот прилив во јули. Од „Амнести интернешнел“ наведуваат дека, според проценките, „најмалку 500 деца мигранти без придружба“ сè уште спијат на улиците во Сеута, чекајќи помош додека се „целосно незаштитени“.












