Трофејниот кошаркарски клуб, екипата на Работнички, жестоко реагираше по последните натпревари во домашното првенство, обвинувајќи за сериозни судиски неправди и директно оштетување на клубот. Од таборот на Работнички изразија револт и незадоволство, потенцирајќи дека судиските одлуки во повеќе наврати биле на нивна штета и имале влијание врз текот и конечниот исход на натпреварите.
Особено на удар се најде арбитражата на судијата Александар Давидов, чии одлуки, според клубот, предизвикале бурни реакции кај играчите, стручниот штаб и навивачите.
Соопштението од клубот ви го пренесуваме во целост:
КК Работнички изразува сериозен револт и незадоволство по последните случувања на натпреварите од домашното првенство, кои повторно отвораат прашање – кому му пречи Работнички?
Нашиот клуб уште еднаш се почувствува директно оштетен од судиските одлуки, кои во повеќе наврати беа на наша штета и влијаеја врз текот и исходот на натпреварот. Особено сме разочарани од арбитражата на судијата Александар Давидов чии одлуки предизвикаа голем револт кај играчите, стручниот штаб и кај нашите навивачи.
Работнички, како клуб со богата традиција и огромен придонес во македонската кошарка, не може и нема да молчи кога повторно е оштетен од судиските критериуми. Поради тоа, јавно порачуваме дека не сакаме судијата Александар Давидов повторно да биде делегиран на натпревари на нашиот клуб, бидејќи довербата во неговата објективност е сериозно нарушена.
Поради неговата арбитража на дуелот со Феникс, бараме санкции за Давидов од страна на КФМ бидејќи само така може да се стави крај на неправдите и да се заштити интегритетот на натпреварувањето.
КК Работнички се надева дека надлежните органи во КФМ сериозно ќе ги разгледаат овие случувања, со цел во иднина да се спречат вакви ситуации и да се обезбеди фер и рамноправно судење за сите клубови, се вели во соопштението на Работнички.











