
Ветувањето на рускиот претседател, Владимир Путин, дека воините што учествувале во војната со Украина се новата руска елита – почнува да се остварува. Систематското унапредување на ветераните од таканаречената специјална воена операција (СВО) во владините институции почна уште во 2024 година, кога ја почна Путин програмата за персонал „Време на хероите“, а независните руски новинари сега открија колку „ветерани“ го пополниле државниот апарат: најмалку 1.311 од нив.
Двајца беа назначени за регионални гувернери, има и 14-мина заменици-гувернери или заменици-претседатели на регионалните влади, 12-мина регионални министри, 25-мина заменици и 26-мина општински раководители и градоначалници. Воените ветерани, исто така, сè повеќе добиваат мандати како општински и регионални претставници, позиции во администрацијата и во министерствата, гувернерските канцеларии и државните фондови, училиштата и универзитетите, организациите на ветерани и „патриотските проекти“. Тој процес се забрзува. Ако во 2023 година имаше само 45 такви назначувања, во 2024 година најмалку 201, во 2025 година дури 754, а од јануари до мај оваа година – 311.
Но, ѓаволот е во деталите, пишува „Јутарњи“. СВО стана поттик за кариера, но, пред сè, за оние што веќе се на власт: поранешни функционери, членови на Парламентот, општински службеници, кариерни воени лица, членови на безбедносните сили и луѓе поврзани со регионалните елити. Редовниот воен персонал продолжува да претставува значително малцинство меѓу оние што се наоѓаат во владините структури. Сергеј Новиков, раководител на претседателскиот Директорат за јавни проекти, на крајот од 2025 година призна дека десетици илјади воени ветерани се невработени. Исто така, се поставува прашањето дали службениците што одат во војна во Украина воопшто учествуваат во борбите. Според набљудувањата на воените дописници, станува збор, главно, за формално учество, бидејќи тие се стационирани во единици што обично се на безбедно растојание од фронтот. Ова се таканаречените заменички баталјони, познати меѓу Русите како „баталјони за перење пари“, кои се синоними за формации обично составени од службеници и од политичари што сакаат да покажат лојалност кон своите претпоставени или да се искупат за некаков престап.
Постои уште една причина што ги тера службениците да учествуваат во војна: тоа е начин да се избегне гонење. Според рускиот главен обвинител, Александар Гучан, најмалку 1.100 лица осудени за корупција служеле во „зоната на СВО“ во март оваа година. Парламентарните избори за Државната дума, кои ќе се одржат во септември, дополнително ќе го зголемат бројот на воени ветерани на власт. Порталот „Медуза“ изброја 1.326 кандидати што го објавиле своето учество на изборите или се квалификувале за партиските прелиминарни избори како воени ветерани. Меѓу нив се 152 лица што веќе добиле јавни позиции со плата, без обврска да работат по учеството во СВО, а 1.174 се нови лица во руската политика. Најмногу од нив се во Единствена Русија на Путин – веб-страницата на партијата за гласање на прелиминарните избори наведува 1.172 потенцијални кандидати. Колку, всушност, ќе учествуваат на изборите, останува нејасно бидејќи партиите сè уште не ги одобрија кандидатите. Московскиот весник „Комерсант“ објави дека Единствена Русија планира да вклучи 70-мина воени ветерани на своите партиски листи, меѓутоа, на партискиот конгрес на 28 јуни, 90-мина кандидати беа одобрени меѓу ветераните на СВО. „Медуза“ дозна од соговорник од раководството на Единствена Русија дека властите се обидуваат да обезбедат воените кандидати за Думата да бидат „што е можно попредвидливи за Кремљ“.
– Мораме да му ја покажеме на претседателот новата елита. Но, исто така, мора да се осигуриме дека немаат ПТСН – рече политички стратег што работи со политички блок.











