Истражувањата на Градиште кај Црнобуки и Велушка Тумба во Пелагонија открија дека под Пелагонија се крие историја стара осум милениуми. Археолозите открија монети од македонскиот и од римскиот период што ги дефинира објектите во IV до I век пр. н.е., стопански објекти, поплочена улица и едни од најголемите неолитски печки во Европа. Тие донесоа значајни нови откритија, кои ја потврдуваат долгата и континуирана историја на населување на овој простор. “Наодите од рачно работената садова керамика фрлаат ново светло на хронологијата на овој простор“, вели за весникот ВЕЧЕР директорката Маргарета Спасов
Подови и ѕидови од живеалишта, керамички садови и мелници за обработка на жито… се откриени на локалитетот Велушка Тумба, а околу 80 монети од македонскиот и од римскиот републикански период, 300 тега за разбој и стопански објекти, како и поплочена улица на локалитетот Градиште кај селото Црнобуки. Токму систематските археолошки истражувања на археолошкиот локалитет Градиште кај селото Црнобуки, во близина на Битола, донесоа нови, значајни откритија што ја потврдуваат долгата и континуирана историја на населување на овој простор. Како што посочува директорката на Заводот и музеј – Битола, Маргарета Спасов, истражувањето на локалитетот Градиште се реализирало од 20 мај до 11 јуни годинава, во организација на Заводот и музеј – Битола, во соработка со Универзитетот „Поли Хумболд“ од Арката, Калифорнија, САД, врз основа на договорот за соработка потпишан во 2023 година, а финансиската поддршка, освен од Универзитетот „Поли Хумболд“, била обезбедена и од Министерството за култура и туризам.

– Истражувањето се изведуваше на три квадрати во рамките на утврдената населба, избрани врз основа на претходни геомагнетни снимања, како и анализи добиени со LiDAR и со GPR-технологија. Во сите квадрати се истражуваше врз архитектонските остатоци од објекти градени од локален камен, врзани со кал. Констатирани се простории од најмалку три различни објекти, а нивната функција е од стопански карактер (работилници). Исто така, на северната страна е констатирано и одделување на овие објекти со поплочена улица. Во објектите вкопани во подното ниво се откриени делумно зачувани складишни садови. Исто така, откриени се околу 80 монети од македонскиот и од римскиот републикански период што ги дефинира објектите во IV до I век пр. н.е. Од наодите, доминира садовата и складишната керамика, застапена преку разни форми на чинии изработени на грнчарско тркало, калапени чаши (т.н. мегарски чаши), трпезни амфори, цедалки, како и питоси за складирање. Откриени се и голем број садови од фина керамика, за кои се смета дека се увезени. Наодите од рачно работената садова керамика фрлаат ново светло на хронологијата на овој локалитет – вели за весникот ВЕЧЕР директорката, Маргарета Спасов.
Таа, исто така, додава дека се најдени и 300 тега за разбој, кои покажуваат дека бил населен просторот, веројатно, уште од енеолитско време, па со одредени празнини, сè до раниот среден век.
– Постои одреден континуитет, кој треба дополнително да се потврди во наредните истражувања. Локалитетот се наоѓа на 12 км од Битола, инфраструктурно е делумно достапен и има голем потенцијал да ја збогати културната мапа на нашата држава – додава директорката Спасов.
Тимот од НУ Завод и музеј – Битола и од Центарот за истражување на предисторијата, заедно со експерти од германскиот Археолошки институт и Универзитетот во Базел, во текот на истражувањата на Велушка Тумба во Пелагонија, исто така, добија повеќе податоци за архитектурата, материјалната култура, стопанството и за обредите на заедницата што ја основала оваа неолитска населба. Велушка Тумба во Пелагонија функционирала континуирано во текот на неколку стотици години на почетокот од шестиот милениум пр. н.е., односно пред 8.000 години. На тој начин, врз старите куќи се граделе нови, со што се формирала тумба висока околу четири метри.


–Во овие архитектонски слоеви се регистрирани остатоци од десетина објекти градени еден врз друг, а при истражувањата се открија подови и ѕидови од живеалишта, како и глинени структури, керамички садови и мноштво мелници за обработка на житото што се одгледувало на нивите крај тумбата – информираа од Центарот за истражување на предисторијата и од Заводот и музеј – Битола.

– Интересен куриозитет се два специфични контексти од архитектонски и од ритуален карактер. Имено, во рамките на градбата 13 се открија две големи неолитски печки за леб, со аплицирани глинени сандаци за мелење на житото и за месење на тестото. Со оглед на своите димензии, тие претставуваат едни од најголемите неолитски печки откриени досега во Европа. Поради ваквата ексклузивност, но и поради нивната кршливост, неопходна е нивна конзервација и заштита. Врз едната од овие печки е откриена правоаголна структура во чиј јужен агол било погребано новороденче, положено во превртен сад. Овој обред е мошне редок меѓу неолитските заедници во Европа и има значајна улога во симболичната врска и идентификација меѓу печката, куќата и садот со човечкото тело и животот. Крај печките се откриени дваесетина керамички сада користени за готвење и за консумирање на храната, а дел од нив се декорирани со специфични бели орнаменти и имале репрезентативен, односно церемонијален карактер – информираа од битолскиот Завод и музеј.
Раководители на истражувањето се д-р Гоце Наумов и кораководител виш кустос Јасмина Гулевска, додека археоботаничките анализи се во координација меѓу д-р Феран Антолин и д-р Амалиа Сабанов. (Д. Т.)












