EPA/TOLGA AKMEN

Тенисот е брутален спорт, кажа австралискиот тенисер Алекс де Минор по поразот од Италијанецот Флавио Коболи, во четвртото коло на Вимблдон. Италијанецот победи во три сета со 7:5, 7:6, 6:3, а 27-годишниот Де Минор се појави пред новинарите… опуштен и подготвен да дава одговори на нивните прашања.

„Сето ова ме крши однатре. Тоа е сурова реалност. Вложив многу, многу часови во мојот занает и безброј години работа за да имам можност за вакви моменти. И кога ќе видам дека не сум дораснат на задачата, тоа крши човек. Да, навистина е тешко.“

Со искрен и директен тон, тој продолжи:

„Како да го објаснам ова? Едноставно, не сум доволно добар ментално. Тоа е објаснувањето. Факт е дека сакам повеќе и не сум во можност да го остварам тоа. Тоа е мојата битка и овој пораз е само уште една линија во таа борба.“

Де Минор е шести тенисер во светот, во својата кариера играше во седум четвртфиналиња на гренд слем, но не и во полуфиналиња.

„Нема да играм турнири некое време. Сè се гради со текот на времето… Целите, верувањата и соништата што ги имам полека почнуваат да бледнеат или изгледаат подалечни. Чувствувам дека пред неколку години бев многу поблиску до тоа. Сега се чувствува како полека да се оддалечувам од моите соништа.“

Австралиецот вели дека поразот многу го боли, но не се откажува:

„Секако нема да го напуштам тенисот сега, но поразите ми се потешки. Како понекогаш да ја имам тежината на целиот свет на моите рамена на теренот“.

ИЗДВОЕНИ