Се заокружува листата на сведоци предложени од Обвинителството во докажување на вината на вкупно 34 лица. На продолжението од судењето за пожарот во „Пулс“, во кој загинаа 63 млади луѓе, сведочеше инспектор на дирекцијата за заштита и спасување. Недостиг на противпожарни апарати, празен хидрант без вода, заклучена помошна врата и целосно отсуство на систем за пријавување пожар – ваква била состојбата што ја затекнала увидната екипа на ДЗС. Ова, во судницата, го изјави инспектор од подрачното одделение на ДЗС во Виница, кој сведочеше за наодите по несреќата.
– Малку е болно ова… кога влеговме внатре, имаше само два ПП-апарати, што е недоволно, празен хидрант – нема вода, нема црево, нема млазници, нема систем за јавување за пожар. И најболната работа – задната врата беше заклучена од внатрешната страна, немаше квака, а плус беше заклучена со катанец – рече сведокот.
Според неговото сведочење, помошната врата која се наоѓала од левата страна на бината била тесна и без осветлување, а од надворешната страна била затворена со стиропор. Дури и откако пожарникарите ја скршиле за да влезат во објектот, се гледало дека станува збор за излез кој не бил функционален. Инспекторот посочи дека и надворешниот пристап до објектот бил сериозно ограничен.
– На излезот од таа задна врата имаше зелена површина како брег и ограда, каде што не може да пристапи ниту брза помош ниту пожарна – изјави тој. Во сведочењето беше посочено и дека градежните материјали во клубот придонеле пожарот да се прошири со голема брзина.
– Се работи за пожар со отворен пламен кој брзо се шири поради облогата со стиропор и други лесно запаливи материјали – рече инспекторот.
Тој нагласи и дека Општина Кочани, повеќе од една деценија, немала инспектор за заштита и спасување. Последниот инспектор, како што кажа, се пензионирал околу 2012 или 2013 година, и оттогаш, местото не било пополнето.
– Откако колегата е пензиониран, во Кочани нема инспектор за заштита и спасување. До моментот на пожарот, колку што знам, немаше вработено лице на таа позиција – изјави сведокот и објасни дека инспекторите имаат овластување да забранат користење на објект доколку се утврди дека не ги исполнува условите за безбедност. – Инспекторот може да забрани да се користи објектот или дел од него, ако нема услови за ефикасна интервенција на противпожарните екипи и на брзата помош – нагласи сведокот.
Адвокатот Звонко Давидовиќ, бранител на ексдиректорот на ДЗС, Аднан Џаферовски, ја оспори стручноста на сведокот и посочи дека сведокот не го познава законот.
– Таму е јасно наведена улогата на инспекторите, што покажува дека директорите на обвинителна клупа немаат никаква врска со конкретниот инспекциски надзор, особено не со настанот во Кочани. Сево ова покажува дека постапката не е докрај јасна, кој за што е одговорен – рече Давидовиќ. Нагласи дека ДЗС не е инспекциски орган за кафулиња и ресторани, туку институција што опфаќа територијална одбрана и цивилна заштита на целата држава, вклучувајќи големи природни несреќи и шумски пожари. Тој додаде дека недостигот на инспектор во Кочани е прашање што треба да се постави и кај Владата, бидејќи е потребно одобрение од Министерството за финансии, и дека за одржување на средствата за заштита и спасување требало да се грижат и Советот на општината, МВР и други институции. Следното судење продолжува со испрашување на тројца сведоци, а до крајот од листата на ОЈО остануваат да сведочат уште осум. (П. А.)












