Во скопската Зоолошка градина има посебна причина за радост. Оттаму известија дека го добиле првото јајце од фламингата.
– Фламингата пристигнаа во Зоолошката градина Скопје во 2020 година, кога беше отворено нивното живеалиште, малата зелена лагуна создадена според нивните потреби. Тогаш тие беа млади единки, а кај овој вид половата зрелост и природната подготвеност за размножување доаѓаат подоцна, по неколку години. Затоа ова прво јајце е особено значаен момент за нас и доказ дека птиците постепено се адаптирале, созреале и се чувствуваат доволно сигурно во својата средина – соопштија од Зоолошката.
Тимот на Зоолошката и неговите зоонегуватели со големо внимание го следат целиот процес.
– Кај фламингата инкубацијата обично трае од 27 до 31 ден, па во наредниот период со надеж ќе чекаме дали ќе се изведе младенче од јајцето. Ова е мал, но многу важен чекор за ЗОО Скопје, момент што носи радост, надеж и уште една убава приказна од светот на животните – велат од Зоолошката.
Фламингата во Зоолошката градина се од видот големо розово фламинго, познат по својата елегантна појава, долгите нозе, розовата боја и впечатливото однесување во група.












