Првите два американски авиони кои треба да им пружат поддршка на операциите на Блискиот исток пристигнаа денеска во воздухпловната база на југоистокот на Бугарија, што предизвика критики од Иран и протести од бугарските граѓани.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп се соочува со отпор од некои европски сојузници поради користењето на воздухопловните бази за поддршка на војната на САД со Иран.
Пратениците во Бугарија, членка на НАТО и Европската Унија, претходно овој месец го одобрија распоредувањето на до осум американски авиони за полнење гориво KC-135, како и 250 лица со лично оружје, муниција и опрема на аеродромот, во воздухопловната база Безмер.
Според американско-бугарскиот одбранбен договор од 2026 година, објектот „Безмер“ кој се наоѓа на околу 260 километри југоисточно од главниот град Софија е објект за заедничка употреба. Секое ново користење на базата бара одобрување од парламентот.
Разместувањето на американските авиони, кое го побара американската амбасада во Бугарија, беше дозволено до 1 октормври 2026 година. Американскиот претседател Доналд Трамп му се заблагодари на бугарскиот премиер Румен Радев во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“ за тоа што дозволи разместување на леталата и покрај заканите на Иран.
Вчера бугарската министерска за надворешни работи Велислава Петрова му даде уверување на својот ирански колега Абас Арагчи дека таа дозвола не значи директни воени акции поврзани со судирот на Блискиот исток.
Во соопштението не се наведува што одговорил Арагчи, но бугарската новинска агенција БТА пренесе дека Арагчи протестирал кај Петрова поради бугарската поддршка на американските воени операции против Иран во телефонски разговор побаран од бугарската страна. БТА се повика на иранската државна агенција ИРНА.
Мештаните од селото Безмер и околните места, вклучувајќи го и регионалниот град Јамбол, организираа мирни протести во последните денови пред доаѓањето на американските летала.
Државните службеници го посетија регионот да го намалат стравот на луѓето и ги убедија дека распоредувањето е исклучиво за логистички мисии кои вклучуваат дополнување гориво во лет вон бугарскиот воздушен простор, пренесе „Бета“.












