Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, одржаа работна средба со претставници на компанијата „Бехтел и Енка“, на која разговарале за динамиката на изградбата на автопатската делница Прилеп – Битола. На средбата присуствувал и помошник-раководителот на Секторот за економски развој на Општина Битола, Венцо Шишкин. Од страна на компанијата биле присутни новиот проектен менаџер Ашвин Рао, заменик-раководителот Џанберк Атилла и менаџерот за одржливост, Винсент Нугареде. Тие ги информирале општинските претставници за планираната динамика на работите на автопатските делници.

Според информациите презентирани на состанокот, делница во должина од 12 километри треба да биде пуштена во сообраќај во 2027 година. Во истиот период ќе се работи и на делницата пред Битола. До крајот на 2028 година се очекува да бидат асфалтирани вкупно 28 километри автопат. Преостанатиот дел, кон Прилеп, ќе биде пуштен во функција последен. Пред почетокот на работите на оваа траса треба да се решат одредени прашања поврзани со експропријацијата на земјиштето и дислокацијата на постојната инфраструктура.

На средбата било најавено и организирање саеми за вработување во Битола и Прилеп, преку кои ќе се бараат работници за потребите на проектот. Заинтересираните ќе можат да се информираат за работните позиции и условите за ангажман во проектот во двете општини.

 

ИЗДВОЕНИ