Јавниот долг на Македонија се приближува до границата од 60 проценти од бруто домашниот производ, а државата и во 2027 година ќе мора да продолжи со нови задолжувања за финансирање на буџетскиот дефицит и за отплата на старите обврски. Проекциите на Министерството за финансии покажуваат дека долгот до крајот на следната година ќе достигне 12,3 милијарди евра, односно 59,7 проценти од БДП. За сервисирање на долгот се предвидени 124,6 милијарди денари, а во март достасува еврообврзницата од 500 милиони евра.
Тоа значи дека државата повторно ќе мора да се задолжува за да се раздолжува, во услови кога е ограничен просторот за нови развојни инвестиции. Прашањето се наметна и на комисиската расправа за предлог-буџетот за 2027 година, на која министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ги образложи планираните издвојувања, додека опозицијата предупреди за кратења во дел од развојните програми.
Димитриеска-Кочоска најави раст на средствата за плати за 6,6 проценти и за пензии за 4,8 проценти, како и дополнителни 3,9 милијарди денари за здравствена заштита. Од владејачкото мнозинство го бранеа предлогот како развоен. Јулија Тушевска посочи дека се зголемуваат средствата за предучилишното и за основното образование за 19,3 проценти, а за средното за 7,1 процент. Дафина Стојаноска, пак, наведе конкретни инвестиции, меѓу кои и основното училиште во Непроштено, Општина Теарце.
Од друга страна, пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, оцени дека предложениот буџет недоволно одговара на потребите на пациентите, учениците и на стопанството. Според неговите споредби, средствата за реконструкција и за проширување на јавните здравствени установи се намалуваат за околу 60 проценти. Во образованието, тој посочи намалување на развојните расходи на Министерството за образование и наука за 28,5 проценти, на средствата за изградба на основни училишта за 59,5 проценти и на оние за средни училишта – за 72,3 проценти. Овие намалувања се однесуваат на конкретни програми, а не на вкупните буџети за здравство и за образование.
Поранешниот министер за финансии, Кирил Миновски, смета дека излезот од кругот на постојано задолжување бара повисок економски раст и фискална консолидација. Според него, економијата треба да расте побрзо од каматната стапка, а консолидацијата не треба да се сведува на кратење капитални инвестиции, туку да опфати намалување на непродуктивните расходи, рационализација на администрацијата и борба против сивата економија.
Слично предупредување упатува и академик Абдулменаф Беџети, кој посочува дека новата еврообврзница ќе биде еден од главните начини за финансирање на дефицитот и отплата на старите обврски.
– Буџетскиот дефицит не може да се финансира тековно, поради што издавањето еврообврзница е еден од главните начини за обезбедување средства. Дополнителна причина за новото задолжување е и еврообврзницата од 500 милиони евра, која достасува во март следната година и која државата има обврска да ја отплати – смета Беџети.
Тој потсетува дека од 2014 година јавниот долг е речиси двојно зголемен и сега изнесува околу 58,5 проценти од БДП. Според него, ќе биде важно дали ќе продолжи досегашниот економски раст
Владата го усвои предлог-буџетот со приходи од 395,4 милијарди денари и расходи од 440,4 милијарди денари. Дефицитот е проектиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари, од кои 123,8 милијарди за пензии.
Во ваква финансиска рамка, клучното прашање е колку од новите задолжувања ќе овозможат развојни инвестиции, а колку ќе бидат наменети за отплата на старите долгови. За граѓаните, повисоките буџети треба да значат подобри болнички услови, достапни здравствени услуги и побезбедни и опремени училишта. Расправата за предлог-буџетот продолжува денес, а поднесени се над 300 амандмани.
(А. С.)












