Започна откупот на годинешната реколта тутун по цена од 435 денари за килограм од прва класа, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, при посетата на откупниот пункт на Тутунскиот комбинат во Прилеп. Комбинатот има отворено 34 откупни пункта, на кои досега се предадени повеќе од шест тони тутун.
„Очекуваме повеќе од 96 отсто од тутунот да биде откупен во прва класа, што значи дека ќе успееме да ја задржиме цената. Оваа цена е и по барање на самите тутунари“, рече Серафимовски.
Тој информираше дека површините под тутун годинава се зголемени и изнесуваат околу 15.100 хектари. Се очекува род од 26 до 30 милиони килограми, кој ќе се откупува според претходно склучените договори.
Министерот најави и предлог за зголемување на субвенцијата од 80 на 90 денари за килограм тутун. За таа цел ќе бидат предложени измени во програмата, со укинување на основната мерка и зелената нафта, а дополнителните 10 денари ќе се исплаќаат како субвенција за тутунот.
Тутунот од втора класа се откупува по 370 денари, а од трета класа по 305 денари за килограм.
Државниот инспекторат за земјоделство е на терен од првиот ден на откупот. Во наредните денови контролите ќе ги опфатат сите 317 откупни пункта на десетте регистрирани откупувачи во земјата.












