Македонија имаше свои претставници и во судискиот дел на Европското првенство во кикбокс во Скопје, а посебно признание доби Елена Неделковска. Заедно со Никола Бубевски, таа ја делеше правдата на континенталниот шампионат, но успеа да се издвои со својот квалитет и професионалност.

Неделковска беше прогласена за најдобра жена судија во татами дисциплините, за што доби и специјален пехар. Ова признание претставува уште еден голем успех за македонскиот кикбокс и потврда дека нашата земја има квалитетни меѓународни судиски кадри.

Сепак, претседателот на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски-Урко, смета дека е неопходно поголемо вложување во едукацијата и лиценцирањето на домашни судии, кои би можеле да имаат поголемо влијание на меѓународната сцена.

  • Доколку имаме повеќе средства, ќе можевме да испраќаме повеќе судии на судиските семинари, кои сами си ги плаќаме за да се лиценцираат и да создадеме повеќе наши судии. Тие ќе имаат влијание и ќе направат баланс во судиските одлуки, за да не би ги оштетувале странските судии нашите натпреварувачи, потенцира Митровски.

Според него, поголемиот број лиценцирани македонски судии би значел и посилно присуство на нашата земја во меѓународните кикбокс организации, но и можност за порамноправен третман на домашните натпреварувачи на големите натпреварувања.

 

ИЗДВОЕНИ