Македонија годинава го регистрираше првиот случај на западнонилска треска во Европа, а заклучно со 27 јули, во земјава се евидентирани вкупно осуммина заболени, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), до 22 јули вирусот е регистриран во 35 региони во шест европски држави: Италија, Грција, Романија, Македонија, Шпанија и Франција. Пријавени се вкупно 81 случај. Најмногу има во Италија – 46, потоа во Грција – 21, Македонија – 5 (до 22 јули), Романија – 5, Шпанија – 3 и Франција – 1. Во меѓувреме, бројот на заболени во Македонија се искачи на осум.
Од регистрираните случаи, седум се лабораториски потврдени, а еден е класифициран како веројатен. Шест се автохтони случаи од Скопје и од Велес, додека кај едно лице од Скопје е забележана историја на патување во Грција, но инкубацискиот период опфаќа и престој во Македонија.
Податоците покажуваат дека вирусот најтешко ги погодува повозрасните. Од осумтемина заболени, седуммина се мажи, а едно е жена. Шест лица се постари од 60 години, а две се на возраст од 50 до 59 години. Загрижува и тоа што сите пациенти развиле невроинвазивна форма на болеста – најтешка клиничка манифестација, поради што сите биле хоспитализирани. Кај петмина, симптомите почнале во јули, кај двајца во јуни, а кај еден пациент уште во мај.
Западнонилската треска во Македонија првпат е регистрирана во 2011 година. До крајот на 2025 година биле евидентирани 54 лабораториски потврдени случаи и пет смртни исходи поврзани со ова заболување. Вирусот се пренесува преку убод од заразен комарец, најчесто од родот Culex, кој претходно се инфицирал од диви птици. Болеста не се пренесува од човек на човек, освен во исклучително ретки ситуации како трансфузија на крв или трансплантација. Кај околу 80 проценти од заразените, инфекцијата поминува без симптоми. Кај другите, најчесто се јавуваат треска, главоболка и премаленост, додека помалку од еден процент развиваат тешки невролошки компликации, како воспаление на мозокот или на мозочните обвивки и парализи. Смртноста кај овие тешки форми се движи од 3 до 15 проценти, а ризикот е најголем кај постарите лица. Специфична терапија и вакцина за луѓето не постојат, па затоа здравствените власти нагласуваат дека најдобра заштита е спречувањето убоди од комарци.
ИЈЗ оценува дека во Македонија засега се регистрираат спорадични случаи, но поради климатските промени, зголемената распространетост на комарците и честите патувања во ендемски подрачја, постои реална можност за појава на нови случаи во текот на сезоната. Институтот препорачува општините редовно да спроведуваат дезинсекција, односно прскање, да се засили надзорот над комарците и навремено да се информираат матичните лекари и инфектолозите за појавата на болеста. На граѓаните им се советува да користат средства, да носат облека со долги ракави и ногавици, да поставуваат заштитни мрежи на прозорците и да избегнуваат престој на отворено во зори и самрак, кога комарците се најактивни.
Институтот за јавно здравје соопшти дека располага со реагенси за лабораториско тестирање на вирусот на западнонилска треска, а состојбата континуирано се следи преку системот за надзор на заразните заболувања. (П. А.)












