Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вели дека ќе направи обид правно да му помогне на човекот уапсен под сомнение дека, на социјалните мрежи, му се заканувал со смрт.
Полицијата уапси 55-годишен жител на Крагуевац, со иницијали С. С., кој е осомничен дека на својот профил на „Фејсбук“ објавил видео во кое, мавтајќи со нож, директно му се заканува со смрт на српскиот претседател и на главниот и одговорен уредник на весникот „Информер“. Тој е осомничен за кривичното дело загрозување на сигурноста и му е одреден притвор до 48 часа, по што ќе биде спроведен пред обвинителството.
Вучиќ нагласи дека ќе им каже на обвинителите дека не се чувствува загрозенo, што на човекот што му се заканувал ќе му помогне во постапката.
– Затоа што сум сигурен дека во него се крие добар домаќин, добар Шумадиец, кого некој го завел со морничави невистини – објасни Вучиќ на „Инстаграм“.
Според него, заканите што ги прима се резултат на манипулација од оние што сакаат да ја поделат Србија.












