Младиот музички талент Андреј Цековски, ученик во петтото одделение во нижото музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, под менторство на наставничката по пијано Марија Диманин-Богоевска, ја освои првата награда на престижниот меѓународен натпревар „International Youth Music Competitions“, во категоријата USA Classical Hobbyist, одржан во март 2026 година.
Според жирито: „Со својот впечатлив настап, Андреј се издвои меѓу учесниците од повеќе земји од светот, покажувајќи исклучителна музикалност, техника и уметничка зрелост. Овој успех претставува значајно меѓународно признание за неговата посветеност и љубовта кон класичната музика“.

Како дополнително признание за постигнатиот успех, Андреј Цековски е официјално поканет во септември годинава, во Њујорк, каде што ќе ја прими наградата и ќе одржи свој музички настап во рамките на свечениот концерт на победниците.
На натпреварот учествуваа таленти од Австралија, Канада, Кина, Полска, Украина, Турција, Соединетите Американски Држави и од многу други земји.
Освоената прва награда уште еднаш ги потврдува талентот и потенцијалот на Андреј Цековски на меѓународната музичка сцена.












