сабота, јуни 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Прскалките на „ДНК“ во „Пулс“ биле од Бит-пазар и имале домет од...

Прскалките на „ДНК“ во „Пулс“ биле од Бит-пазар и имале домет од три метри

Сведочењата од судница откриваат нелегална купопродажба на пиротехника

602

Судењето за трагедијата во Кочани, во која пред една година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, продолжи со сведоци поврзани со набавката и со активирањето на пиротехниката, која го предизвика пожарот. Сведочеше Горан Игновски, сопственик на фирмата „Чкаља“, од чија продавница групата ДНК во минатото набавувала пиротехнички средства за сценски ефекти. Игновски пред судот изјави дека на членовите на групата, пред околу две и пол до три години, им продал осум „топли прскалки“ и едно куферче за нивна активација, но тврди дека тие не се истите што го предизвикале пожарот во „Пулс“.

– Јас продавам прскалки со домет од еден до два метра, наменети за внатрешна употреба. На видеата од пожарот се гледа дека искрите оделе повеќе од три метри. Такви има на Бит-пазар и се за надворешна употреба – рече сведокот.

Тој објасни дека „топлите фонтани“, односно прскалките што работат со барут, магнезиум и алуминиум, создаваат искри и можат да предизвикаат пожар, за разлика од „ладните фонтани“, кои работат со прашок и не се запаливи. Според него, токму поради пониската цена, изведувачите почесто ги користат топлите прскалки. Игновски призна дека прскалките ги набавувал од Бугарија и дека дел од нив ги продавал без соодветна дозвола.

– Немав дозвола за продажба на таква пиротехника и затоа престанав да ја продавам. На Панчо од ДНК му продадов куферче, а подоцна Мартин Атанасовски-Буцо купи осум прскалки. Тоа беше пред повеќе од две години и оттогаш немаме контакт – рече сведокот. Тој додаде дека на видеата од настапите на групата ДНК се гледа дека тие користеле прскалки на речиси секој концерт и дека вкупно употребиле десетици, па според него е малку веројатно токму тие што ги купиле од него да биле користени во „Пулс“. Во сведочењето Игновски изнесе и информација за претходен инцидент со пиротехника на настап на ДНК во ресторан во Гевгелија, каде, како што рече, биле запалени платно и звучници.

– Ми раскажа колега од Гевгелија дека на нивни настап во клубот „Де факто“ запалиле платно и оштетиле звучници со прскалки – изјави сведокот.

Неговото сведочење предизвика реакции од одбраната, која постави прашања дали во случајот треба да се разгледа и одговорноста на лицата кои продавале или набавувале пиротехнички средства. Обвинителот, пак, реагираше дека трагедијата не настанала само поради пиротехниката, туку и поради тоа што објектот немал соодветни услови за евакуација.

– Луѓето не загинаа затоа што имало прскалки, туку затоа што немало доволно излези за да избегаат – рече обвинителот.

 

ИЗДВОЕНИ