петок, август 28, 2026
Дома КУЛТУРА Промоција на поетската збирка „Живи рани, мелем песни“ од Габриела Стојаноска во...

Промоција на поетската збирка „Живи рани, мелем песни“ од Габриела Стојаноска во Прилеп

8

На  27 август 2026 година, со почеток во 17:30 часот, во Арт-кафе „Апореа“ во Прилеп се одржа промоцијата промоцијата на поетската збирка „Живи рани, мелем песни“ од Габриела Стојаноска.Ова е прва поетска книга на Стојаноска, но шесто книжевно дело во нејзиното творештво, по трите збирки раскази – „Гола“ (2007), „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“ (2019) и „Сега би пишувала за…“ (2022), научната студија „Кусиот расказ и сонот – компаративни паралели низ призмата на неколку критички методи“ (2018) и збирката драми „Драми (Трудници/Тајни)“ (2020).

Збирката „Живи рани, мелем песни“ ја промовираше писателката Оливера Андоноска, првенствено истакнувајќи дека  збирката поезија „Живи рани, мелем песни“ од Габриела Стојаноска е дом.

„Од првата до последната страница, од ноктот на десната рака до левата преткомора, како што вели самата во стиховите на „Во што се претворивме“, чекориме низ него, за да сфатиме дека цело време сме чекореле низ себе. Низ најтемните улички на нашите мисли, во ќорсокаците на нашето тело, на местата на најголемата тага, таму кај што последното збогум значи ветување за повторна средба. На тој пат не сме ни забележале дека ни испопаднале сите ножеви како штит од непознатото во мракот, од сите мрачни сенки/од своите сенки, сите наместени изрази, се погледнуваме во огледалата поставени на секој чекор, а во нивниот одраз го гледаме сопствениот шок, изненадувањето од таа ’дрскост‘ да се посегне по она кое обично го оставаме затскриено во мракот“ – рече Андоновска.

Затоа, според прочитот на Андоновска, овој дом постојано се осветлува во најразлични агли, но тоа само им го зголемува силното доживување, приврзаноста, блискоста и на гостите, а чинам и на домаќинката. Плачеме, ја плакнеме внатрешноста до следното збигорување, оти животот се везе со различни конци и бои, а, над сè, со една толкава љубов, од која повторно ти се плаче, ама сега од една друга возвишена убавина. Тоа штедро сакање на животот, бликање, голтање на пејзажите се прелева низ страниците и нè заразува со витален динамизам, со чувствување до прелевање.

Таа истакна дека на некој чуден начин поезијата на Стојаноска „не бара да ја разбереме, туку одеднаш сфаќаме дека таа нè разбира нас. И ни станува удобно. И безбедно. Како дома“.

 

„Габи е доживување, нејзината поезија е доживување, бранувања и намовнувања на сите тревки по кожата и умот. Засебен организам со свој ритам на вдишување и издишување, свои мириси, текстури, бои, сладости, со свои игри на заводливост, со свој јазик, кој многу често се раѓа низ силен вител, сосема целосен и неоштетен.

 

Оваа поезија нема потреба да докажува ништо, не е принудена од ништо и на ништо, таа е стамена структура во која ниту авторката ниту читателите не се одделуваат од себеси, не се отуѓуваат од себе, не бегаат, туку се доближуваат и тоа станува прекрасно искуство натопено со сите емоции и сите нивни нијанси. Оваа поезија е само огледало на нејзиниот силен мисловен и емоционален свет. Односно на нејзината преосетливост. За среќа, авторката е преосетлива, заклучи Андоновска.

 

На промоцијата, стиховите од „Живи рани, мелем песни“ интерпретираше актерката Лора Штарго, особено оживувајќи ги чуватвата стиховите од песните „На распетието на една песна“, „Рајска какао песна“, „Преосетлива“ и „Преграб“ на сцената.

Габриела Стојаноска (Прилеп, 1978) дипломира и магистрира на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Работи како наставничка по македонски јазик во основното образование. Повеќе години беше уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.

Добитничка е на повеќе книжевни награди, меѓу кои: прва награда на конкурсот за краток расказ на „Студентски збор“, две први награди на двата конкурса за кус расказ на интернет-порталот „Окно“, откупна награда на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ и трета награда на конкурсот за краток расказ на Фондот на холокаустот на Евреите на Македонија.Во 2020 година ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда“ за збирката раскази „Приказни за краткоста“, а има добиено и награди за раскази и песни на конкурсите на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ – Гостивар, „Мариовско-мегленски средби“, „Маџирмаалски поетски бранувања“, на конкурсите за краток расказ на Организацијата на жените – Битола и НУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и други.

Застапена е со раскази во повеќе антологии, меѓу кои „Contemporary Short Story“, „BEST of Sarajevo Notebooks II“, „Сто македонски раскази“, „Електролит 2007“, „Приче за понети“, „Најкраће приче 2008“, „Летаат приказни“ (2019) и „Џинџуџе во земјата на афионите“ (2022).

Има објавувано поезија, проза, есеи и рецензии во повеќе книжевни печатени и интернет-списанија, меѓу кои „Стремеж“, „Наше писмо“, „Корени“, „Сарајевске свеске“, „Лоза“, „Библиосвет“, „Електролит“, „Ние“, „Македонија Презент“, „Современост“, „Книжевни елементи“, „Блесок“, „Sinhro.rs“, „Раст“, „Современи дијалози“ и други.

 

ИЗДВОЕНИ