…Радувај се, висино, и за помислите човечки недостижна. Радувај се, длабочино, ни за очите ангелски несогледлива. Радувај се, низ Тебе тварта се обновува. Радувај се, низ Тебе на Творецот My се поклонуваме. Радувај се, Невесто Неневестна!… Стиховите се слушаат секој петок на утринската литургија во познатата скопска црква „Света Петка“ во Црниче, но секогаш со посебен повод. Тоа е денот кога од црковниот олтар се вади и пред верниците се изложува една од посебните знаменитости кои ги има овој храм – чудотворната икона на Пресвета Богородица. Така е веќе со децении, така беше и минатиот петок, кога присуствуваме на ново среќавање на ликот на Мајката Божја со верниците кои бескрајно ја почитуваат и ја сакаат. Свештениците од храмот со пеење ја изнесоа иконата заштитена во стаклена кутија, ја поставија на постамент пред олтарот и по што започна богослужбата пред бројните верници. Деновите се посебни бидејќи денеска се чествува денот на Успението на Пресвета Богородица, денот кога мајката на Исус Христос го предала својот дух во рацете на Спасителот и се вознела на небото. Посебноста се чувствува за сето време на литургијата, кај свештениците, кај народот, кој во текот на службата ја покажува својата љубов кон Мајката Божја. Посебна е и приказната како и зошто иконата со нејзиниот лик и ликот на малиот Исус Христос се нашла во оваа скопска црква, како станала позната меѓу народот, како почитта и љубовта кон неа и натаму се зголемува, како молитвите кон неа почнуваат да доаѓаат и од верниците од другите земји…

А иконата што ја гледаме во стаклената кутија врз која се оставени китки цвеќе, зрачи со својата едноставност. Непознатиот зограф не ја направил голема, не ја украсил со злато или сребро, не забележуваме ништо што би асоцирало на некаква импозантност. Напротив, ликот на Богородица и на малиот Исус ги насликал на не толку големо парче дрво, на кое веќе јасно се забележуваат трагите на изминати децении и децении откако е создадена, незнаено точно кога и од кого. Наметката на Богородица е со традиционална темноцрвена боја, подлогата е златна, би се кажало, вообичаено дело. Но, сепак, посебно, и на кое јасно и впечатливо се забележува сето она што ликот на Богомајка го предизвикува – чистота, смирение, убавина, грижа, сострадалност, победа на љубовта…
Необичен звук и солзи
А посебноста на иконата, нејзиното значење за верниците можеше да се види веднаш по завршувањето на литургијата. Луѓето пристапуваа до иконата, се прекрстуваа пред неа, ја допира, бакнуваа, се поклонуваа, изговараа молитвени зборови. Секој со своја молитва за тоа каква помош и утеха бара од Мајката Божја. И мажи и жени, и млади и стари, сите кои имаат потреба од некаква поткрепа, сите кои чувствуваат благодарност кон неа.
– Одамна знам за оваа икона, за нејзината чудотворност и за почитта и љубовта што ја имаат верниците кон неа. Во црквата доаѓам речиси секој петок и секогаш се помолувам пред неа. Се молам најчесто за здравје, да биде добро, Богородица да нè заштити од лошото. Секогаш ми е убаво откако ќе се помолам пред неа, како да ја чувствувам нејзината љубов и милост – ни вели една скопјанка по завршената богослужба.
Свештениците од овој скопски храм, кој пред три години ја прослави 100-годишнината од своето постоење, ни ја раскажуваат и приказната за доаѓањето на иконата кај нив.
– Иконата била сопственост на скопјанката Фаница Нанчева, која живеела во близина на храмот, родена во 1915 година. Во 1941 година, таа се вселила во станот на еден свештеник, кој во таа воена година се преселил и повлекол во Србија. При средувањето на подрумот на станот, таа ја открила оваа икона, која очигледно била оставена како заборавена и завиткана во епитрахил. Фаница ја зела иконата и заедно со уште две други ја ставила во еден агол од собата при што постојано горело и кандилото. Тогаш и почнале да се случуваат одредени необичности и чуда – ни наведуваат во храмот.

Така, во ноќните часови почнале да се слушаат необичен звук и тропање кои биле од нематеријална природа. Една ноќ, Фаница видела како од иконата паѓа и сребрена монета. Уште понеобично, едно утро кога била болна, видела солзи на иконата. Отпрвин не верувала, но ги собрала солзите во сад…
– Сето тоа ја убедило дека се работи за посебна икона и околу тоа разговарала со тогашното старешинство на црквата „Света Петка“. Тогаш, старешината на црквата Ацо Стојковски ја посоветувал да ја предаде иконата во храмот и што таа го прифатила. Оттогаш, иконата е во храмот и неа ја чуваме грижливо, споделувајќи ја со нашите верници – ни рекоа свештениците од овој скопски храм.
Велат и тоа дека иконата сè уште мироточи, дека повремено може да се забележат капки течност на неа. Трагите од тоа ги забележавме и ние, како на горниот така и на долниот дел од иконата.
– Може да се почувствува и нејзина пријатна миризба. Навистина се работи за посебна реликвија и среќни сме што ја имаме – велат во храмот.
Пратки со молитви од други земји
Во текот на неколкуте децении откако иконата е тука, се случувале и бројни други нешта поради кои таа станувала сè попозната меѓу народот. Сè почести биле случаите во кои верниците што се молеле пред иконата почнале и јавно да зборуваат како токму молитвите пред неа им помогнале. Бројни биле примерите на оздравувања на болните, но и примерите во кои семејствата, кои повеќе години не можеле да имаат деца, по молитвите, добиле пород. Оттаму ѝ се ширел култот дека во овој скопски храм има икона која им помага на луѓето. Најпрвин на скопско подрачје, а последниве години и надвор од Македонија.

– Сè повеќе имаме примери во кои ни се јавуваат верници од други земји, посебно од Србија, кои ни праќаат писма со молба да ги спомнеме во нашите молитви за здравје, за добивање дете… Во пратките што ги добиваме преку пошта ги наведуваат и нивните имиња, желбата за што да се помолиме на службата. И не само тоа. Оние семејства кои, на пример, сакаат да добијат дете, во пратката ни ставаат и парче детска облека и слични детски работи. Вакви пратки добиваме последниве десетина години, а тие зачестија последниве години, посебно по кризата со корона-вирусот. Пратките доаѓаат од Лесковац и од други градови во Србија. Очигледно, приказната се шири меѓу луѓето – ни наведуваат во храмот „Света Петка“.
Свештениците не ги оставаат ваквите молби неодговорени. На секоја служба се спомнуваат имињата на оние што посакале да им се спомнуваат.
– Дури им испраќаме снимки преку социјалните мрежи од нашите богослужби, од кои тие можат и лично да се уверат дека сме ги спомнале нивните имиња пред иконата на Пресвета Богородица, дека сме се помолиле за да таа им помогне да ги пребродат искушенијата што ги имаат. Среќни сме кога ќе ни се јават и кога ќе ни соопштат дека тоа навистина и се случило – наведуваат свештениците од храмот „Света Петка“. (Б. Ѓ.)

Достапна за секој верник
Традицијата на изнесувањето на иконата секој петок не значи дека верниците може да ја видат оваа вредна реликвија и да се помолат пред неа само во тој ден. Во храмот ни наведуваат дека секој верник кој ќе дојде со таква желба нема да биде вратен.
– Сигурно не може секој верник да дојде во црквата во петок. Посебно не луѓето што доаѓаат во Скопје од други региони и чии патувања се врзани и за други потреби. Така, на секој оној што ќе дојде кој било ден и кој ќе искаже желба да се поклони и помоли пред иконата, ние ќе ја изнесеме за да го направи тоа – наведуваат во црквата „Света Петка“.












