Во Македонија постои само едно официјално населено место со името Богородица. Името го добила според народното предание дека во локалната селска црква престојувал духот на Света Богородица. Ова село е познато по својата гранична положба, сообраќајното значење и по црквата посветена на Рождеството на Пресвета Богородица
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Православната црква, денеска, го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Самиот лик на Богомајката објавува бескрајно спасение, сострадалност, грижа и доверба, сила и смирение, чистота и убавина, љубов и победа на љубовта. Црквата никогаш во смртта на Богомајката не почувствувала страв, ниту ужас ниту жалост и надгробно ридање, туку секогаш една блескава воскресна радост.
Она што е интересно е податокот што во Македонија постои само едно официјално населено место со името Богородица. Богородица е едно од позначајните населени места во Општина Гевгелија, иако е релативно мало село. Селото го добило своето име според народното предание дека во локалната селска црква престојувал духот на Света Богородица. Ова село е познато по својата гранична положба, сообраќајното значење и по црквата посветена на Рождеството на Пресвета Богородица.

Секоја осма црква во Македонија ѝ е посветена на Пресвета Богородица, а секое петто семејство ја празнува оваа светителка како домашна слава. Според статистиката, од вкупниот број цркви во државата, околу 235 цркви го носат името на Богородица, а повеќето од нив се посветени на нејзиното Успение.
А, токму во средиштето на селото Богородица се наоѓа главната селска црква, посветена на Рождеството на Пресвета Богородица. Црквата првично била подигната во XIX век, но се наоѓала на друго место. Денешната црква е изградена во 1911 година од страна на мијачкиот градител Андон Китанов, а иконостасот бил изработен во 1935 година, од неидентификуван зограф од Галичник. Градбата на црквата е трикорабна, со рамни дрвени тавани, при што средишниот кораб ги надвишува двата странични. Во средината на средишниот кораб е насликана фреска со претстава на Исус Христос Седржител. Иконостасот во црквата го исполнуваат четири реда икони, насликани во 1935 година од непознат зограф. Во црквата има и стари икони од XIX век, изработени од страна на непознати зографи.

Според пишувањето на учителот Стеван Тановиќ, некогаш во селската црква во Богородица имало икона на Света Богородица, а иконата имала моќ самата постојано да се движи. Преданието вели дека додека духот на Богородица престојувал таму, сите жители во селото имале голем напредок, среќа и благосостојба. Но, во 1835 година, во август месец, црквата се запалила околу пладне, токму кога селаните вршеле, и тие убаво виделе како Света Богородица со иконата излетала од пламенот, и застанала на камбанаријата. Потоа одлетала кон север и повеќе не се вратила. Од тој ден, селото почнало да пропаѓа, се појавила и чума и малку требало, сите жители да умрат. Дури тогаш луѓето се сетиле да побараат помош од Света Богородица. Таа тогаш била во селото Конче. Луѓето кои тргнале до тоа село, со себе носеле подарок, една литургија. Таа не се вратила, но им кажала како да се спасат од чумата. Им рекла да направат рало од близнак дрво, да најдат два близнак волови и двајца браќа близнаци, кои ќе изораат една бразда околу селото Богородица. Селаните го направиле тоа и чумата престанала. Оттогаш, селаните во Богородица веруваат дека нивното село не може да настрада од чума.

Ова предание покажува колку силно биле вкоренети храмот и култот кон Богородица во свеста на локалното население.
Црквата денес е дел од духовното наследство на Богородица и на гевгелискиот крај. Нејзиното значење не се состои само во староста на храмот, туку и во спомените што со генерации се пренесувале меѓу жителите на селото. Во неа се преплетуваат верата, традицијата, семејните обичаи и историјата на едно од најстарите и најзначајни населени места во Гевгелиско.












